Жени музички уметници од Бугарија, РС Македонија, Грција, Србија и Турција со заеднички настап на концертот „Ритамот на Балканот“ во организација на Бугарското национално радио
На 25 април, четврток, во 19:00 часот во Првото студио на радиото, Оркестарот на народната музика на БНР со диригент Димитар Христов ќе го претстави специјалното издание на својот најуспешен проект „Ритамот на Балканот“, јавува БНР. Деветтото издание на проектот ќе ги претстави жените од Балканот со изведби на традиционална музика и инструменти, а палетата на гласови и звуци ќе ја опише колоритната музичка географија на регионот.
Неда Николиќ ќе се претстави со изведбите на фрулата, традиционален српски дувачки инструмент, прогласен за дел од нематеријалното културно наследство на земјата. Сакана од публиката во Србија и регионот, таа ги освои фестивалските сцени ширум светот и го освои првото место на натпреварот Golden Key Composition Competition.
Бајса Арифовска од Северна Македонија ќе свири на кавал, гајда и тамбура. Таа е блескав претставник на новата генерација во македонската и ромската музика, Бајса е мултиинструменталист, композитор и диригент, срдечно поврзан со Бугарија.
Софија Главополу од Грција ќе се претстави со вокални изведби придружени со уд. Популарен на Блискиот Исток, Кавказ и Јужен Балкан, овој древен инструмент се смета за претходник на лаутата. Софија дипломирала на Музичката академија во Пловдив.
На дудук и кеменче ќе свири и ќе пее Зелишах Казалкан од Турција. Таа е музичар со корени во културата на Заза, заедница на границата меѓу Турција и Иран. Зелишах создава оригинални проекти, кои ги комбинираат народните традиции со мултикултурните перспективи.
Ѕвездата на бугарската фолклорна сцена Христина Белева е најомилена гадуларка на публиката. Во женското издание на „Ритам на Балканот“, Христина ќе покаже некои свои нови проекти и ќе ѝ подари песна на публиката.
Проектот „Ритам на Балканот“ на Оркестарот за народна музика на БНР и неговиот диригент Димитар Христов, во своите мошне успешни осум концертни изданија, го создава најодржливиот културен мост меѓу балканските земји, претставувајќи пред бугарската публика и познавачите на балканскиот фолклор, блескави солисти, кои изведуваат колоритна музика.
Билети за концертот можат да се купат во Рекламно-информативниот центар на БНР (бул. „Драган Цанков“ бр. 4 Софија) и во мрежата Ивентим.
Влезот е бесплатен за учениците од музичките училишта и студентите од Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“, насока „Музика“ при СУ „Св. Климент Охридски“, Катедрата „Музика“ при НБУ и АМТИИ Пловдив со студентска или ученичка книшка.

