|

Женскиот младински хор на МКЦ со учество на два реномирани меѓународни фестивали

Под водство на маестро Сашо Татарчевски, Женскиот младински хор при МКЦ во месец јуни оствари учества на два реномирани меѓународни фестивали.

На веќе традиционалниот „Vox Lychnidos“ фестивал во Охрид, во безвременската катедрална црква „Света Софија“ хорот настапи на 20 јуни со интересна програма составена од квалитетни хорски аранжмани на џез и популарна музика. Освен Женскиот младински хор при МКЦ, на фестивалот учествуваа уште два македонски хора, како и 4 хорови од Србија и Словенија.

Веќе од 25 до 28 јуни, по специјална покана на домаќините, хорот зеде учество и на меѓународниот фестивал „Let it be summer“ во Бургас, Бугарија. На овој голем настан ЖМХ се претстави со 3 различни програми на три концертни настапи. Од македонските автори застапени беа Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски, а беа изведени и композиции од Hoagy Carmichael, Oliver Hood, Harold Arlen, ABBA, Johny Mercer, Richard Rodgers и други.

Освен самостојните настапи, девојките од хорот учествуваа и во атеље на кое се работеа две нови композиции заедно со сите останати учесници. Својата премиерна изведба тие композиции ја имаа на гала концертот организиран на крајот од фестивалот. Настапите на Женскиот младински хор при МКЦ се одвиваа во големиот летен театар во морската градина на Бургас, како и во новиот културен центар на градот. Како и секогаш, реакциите и коментарите на публиката и другите учесници на настаните каде што Женскиот младински хор при МКЦ учествува се во суперлативи.

Овој интензивен период хорот ќе го заврши на 4 јули, со настап во рамки на фестивалот „Драган Шуплевски“ кој оваа година се одржува во музејот на Македонската борба за самостојност во Скопје.

 

Слични Објави