|

Жители на неколку села го блокираа патот кон граничниот премин Ќафасан, причина огромните дупки

Жителите на неколку села од регионот на Струга кои секојдневно го користат патот кон граничниот премин Ќафасан денеска одржаа протест. Половина час го блокираа сообраќајот. Велат дека патот се наоѓа во мизерна состојба. При секои пообилни врнежи од дожд се отвораат големи дупки, а државата со години само ветува дека ќе ја среди состојбата.

„Ние денеска го блокираме овој пат. Нов слој на патот требаше да се постави пред пет-шест години. Се отвораат нови дупки и ги полнат со тампон и за месец-два, тие повторно се отвораат. Ние бараме да се направи овој пат, а не само да се полнат дупките. Ова е национален пат каде дупките се полнат со бекатон плочки. Овој пат Македонија ја поврзува со Албанија, Италија и Косово“, вели Џевдет Даути-претседател на месна заедница во Радолишта.

„Влегов со автомобилот во дупка и двете гуми ми пукнаа. Кај гробиштата кај Радолиштата го удрив автомобилот. Кој ќе ми плати за тоа? Воопшто не е безбедно…“

„…Мора конечно да се реши овој проблем додека не биде доцна, додека не загине некој на овој пат. Повеќе сообраќајни незгоди има со луѓе од Албанија бидејќи тие не го знаат патот и дупките“, реагираат возачите.

Власта веќе неколку години ветува реконструкција на постоечкиот пат. Последно, од Агенцијата за државни патишта ветуваа дека до крајот на 2020 година ќе отпочнат градежните работи. Тоа се ветуваше за март, па за мај минатата година, но ништо не се случи. Нови протести жителите најавуваат за пред Нова година.

Извор: Zoom. mk



Слични Објави