|

Злонамерна радост …

Facebook статус на Никица Корубин

“Добро” почна вчерашниот ден за навивачите на нерешавање на спорот со Бугарија, ама лошо заврши. Со нетрпение го чекаат денешниот. Иако, процесите се крајно неизвесни и интензивни, со непредвидлив исход, злонамерната радост никогаш не може добро да заврши. А, особено онаа која е на наша очигледна штета. Иако, радоста е измешана со јасна нервоза, која само ја зголемува маглата на намерно нејасниот наратив на хистерија на наводна одбрана на идентитетот, манипулациите веќе го достигнуваат својот врв. На бранот на слабата информираност, полуинформациите, лагите и заблудите.

Затворени во својот свет на само наша “вистина” светот и случувањата ги мериме по наш терк. Особено случувањата во Бугарија, како одличен продолжеток на нашиот севкупен однос со Бугарија. Политичката ескалација во Бугарија е сложена битка на разни структури и проблеми, и во светло на нејзината геостратешка позиција во однос на војната во Украина, но пред се во светло на сериозни внатрешни проблеми и односи. Прашањето со Македонија е битно, но далеку од најбитно. Тоа што нашето чувство на супериорност го проектираме на се’ што ќе допреме е наш внатрешен проблем. Па, веројатно понесени од таа “супериорност”, која во југоносталгичен манир декларативно ја демонстриравме и во однос на спорот со Бугарија; дојдовме до уште еден апсурд. А, тоа е нашиот однос кон францускиот предлог за посредување и решавање на проблемот со ветото на Бугарија.

И сега во ситуација кога се очекува францускиот предлог, кој без разлика во која мерка ќе ги вклучи бугарските барања во преговарачката рамка; тоа ќе биде позицијата на ЕУ, што е всушност суштината на механизмот на одлучување со вето, солидарноста секогаш оди со партнерот, а не со аспирантот; дојдовме до крајниот потег, до врвот на апсурдот: ние да ја преиспитуваме преговарачката рамка. Што нормално е невозможна опција. Ама, се претставува како очекувана и потребна. Тоа е всушност целосно извртување и непознавање на процесот на преговори со ЕУ, а се обесмислува и самата аспирација кон ЕУ. Дали тоа значи дека ние треба да се вратиме на основите и да се потсетиме дека Северна Македонија бара членство во ЕУ и ги исполнува нивните барања. Доколку сите земји членки се согласат со барањата (дел или сите) на Бугарија да бидат дел од преговарачката рамка, тоа ќе биде став на ЕУ, а не само на Бугарија. Слично како и барањата на Грција, позади кои беа Обединетите нации. Тоа што три години, се сатанизира, хистеризира и манипулира јавноста; тоа што никогаш или многу ретко се водеше сериозна дебата, надвор од флагрантната злоупотреба на идентитетот и негово масовна и злонамерна хипер употреба, повторно е само наш проблем. Кој ја негуваше омразата, кој ги скандализираше сите прашања, кој на крајот ја води кампањата за “ЕУ не ни треба”, без јасна, односно никаква одговорност за последиците.

Затоа да го почекаме исходот без еуфорија и “радост” за проблемите во Бугарија. Суштината на нивните проблеми е толку сериозна, што последиците ќе ги почуствуваме и ние. Затоа што на изненадување на многу, не сме изолиран остров опседнат сам со себе, а уште помалку сме без обврски. Кон себе, кон соседите, кон ЕУ. Истата таа “непринципиелна” ЕУ, благодарение на која воопшто преживуваме, сите овие години. Дури и како држава кандидат. Единствено на што треба да се радуваме е што ЕУ се’ уште се грижи за нас и бара упорно начин, како да ги реши проблемите кои ние самите не сакаме да ги решиме. “Калимеро, нема правда” дипломатија не функционира во сериозната дипломатија. Кога ќе престанеме да ги ловиме грешките на другите, ќе видиме колку “безгрешни” сме ние.



Слични Објави