|

Злото на комунизмот како национално наследство

Пишува: Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нова Македонија

Доста ми е од празни зборови. Триесет години празни зборови за празни животи на жртвите на комунистичкиот режим. Не поминува празник без политиката да повикува на помирување. Се уморивме од толку помирување што ни го нудат политичарите. Нивниот поим за помирување во голема мера се фокусира околу вербалните тврдења за акција. И, толку. Што имаме ние од празни зборови и нејасни ветувања. Зарем можеме вистински да го разбереме поттикот за помирување без да разбереме што треба да се помири. Притоа политичарите забораваат дека за да се обноват животите, мора да се признае страдањето. И омразата. За да се обноват животите, без страв од повторување, мора да се признае злото што го предизвикало страдањето, за да се врати довербата во државните институции и да се спроведе правдата. Кај нас тој процес не функционира. Иницијативите за барање вистина на злосторствата на поранешниот режим не само што им овозможуваат на жртвите да ги раскажат своите искуства туку отвораат нови простори во кои жртвите и сторителите можат повторно да воспостават врска, олеснувајќи го препознавањето повеќекратни наративи за она што се случило и формулирањето препораки за обесштетување и реформи. Зарем некој верува дека неокомунистите ќе се согласат на ова? Зарем некој верува дека македонското општество раководено од рециклираните комунисти ќе им даде глас на жртвите како инструмент за унапредување на нивните права? Ни во најлуд сон. Напротив, денес гледаме како некогашните џелати им се потсмеваат на жртвите. И тоа јавно, без трошка срам. И повторно повикуваат на репресија и пресметка со неистомислениците. Порано во име на комунистичката идеологија, денес во името на нивното поимање на демократијата. Тоа е реалноста на „помирувањето“ во Македонија.

Македонија едноставно ја отфрли можноста низ транзициска правда, како процеси и механизми поврзани со обидите на општеството да се помири со наследството од големи злоупотреби во минатото, со цел да се обезбеди одговорност, да ѝ служи на правдата и да се постигне помирување. Македонија одби да ја види вистината низ очите на жртвите на комунистичкиот режим. Затоа процесите на транзициската правда беа доживеани како закана за една поинаква историска вистина од онаа на режимските историчари, сатанизирајќи ја секоја можност од воспоставување и спроведување судски и вонсудски процеси за справување со наследството на големите прекршувања на човековите права, како и на алтернативите модалитети на кривичната одговорност за сторителите на злосторствата во комунизмот. Македонија навидум се фокусира на зголемената врска помеѓу либералната парадигма за градење мир и транзициска правда, што ја направи втората ранлива, на основа на истите недостатоци и критики на агендата за градење мир, како што е нејзиниот пристап што им одговара на сите. Ние не го реконструиравме македонското општество како постконфликтно според сликата на западните либерални демократии и, игнорирајќи ги неправдите на минатото, ги стеснивме опсегот и деполитизацијата на процесите на транзициската правда. Затоа, се прашувам дали во вакво општество помирувањето е можна остварлива цел?

Македонија е држава што го закопа злото на комунизмот во тишината на сеќавањето. Намерно ја закопа историјата на уништување на човечките суштества, на надежта, на доказите и на меморијата. Ги закопа историјата и технологијата на човечкото зло. Затоа не барајте друг начин за разбирање на Македонија како посткомунистичко општество и начинот на кој се справува со своето блиско минато. Траумите предизвикани од комунистичкиот режим успеа да ги ограничи само на поединците што беа директна цел на прогон и репресија, исклучувајќи го општеството во целина, како стравот, симулацијата, манипулацијата и репресијата да не беа постојани карактеристики на комунистичкиот систем. Македонија намерно не ги акомодира спротивставените сеќавања за минатото со цел да избегне создавање јавен консензус за минатото. Колективната меморија обединува група низ времето и просторот преку обезбедување наративна рамка. Оваа наративна рамка може да патува во просторот и времето и им дава можност на поединците, групите или заедниците да се поврзат со своето минато и да ја замислат својата иднина. Кога избраната колективна меморија доминира во јавниот простор, таа игра важна улога во обликувањето на колективниот идентитет и во надминувањето на културната траума преку комеморации, ритуали и културни артефакти прикажани на јавни простори, како што се споменици, музеи и уметнички инсталации. Оваа избрана колективна меморија ги информира нормативната меморијална рамка и меморијалните претстави на јавните актери, кои, пак, самите се обликувани од овие меморијални претстави и норми. Наместо оваа „демократската власт“ по независноста на државата ни понуди амнезија. Ќе се согласам дека постои природна желба да се заборави времето на злото и да се продолжи понатаму, но, иако треба да се продолжи понатаму, исто така, треба да се сеќаваме. Се сеќаваме не за да ги повториме нашите грешки, туку за да учиме од нив.

Стана очигледно дека вистинското зло на комунизмот, освен суровиот третман на поединци, лежи во систематското уништување на граѓанското општество. Она што во независна Македонија беше најтивкото за процесите на декомунизација и кое успеа да ја декомпонира вистината за прогонот и репресијата во време намкомунистичкиот режим во Македонија. Оние од кои очекуваме дека ќе бидат знаменосци на процесите на транзициска правда молчеа. И сѐ уште молчат. Па така, Македонија не отвори расправа за комунистичкото минатото, иако режимот веќе беше осуден од историјата. Можеби затоа толку лесно политиката повикува да се заборави на минатото и да се помириме за да се обнови земјата. И, секако, да влеземе во Европската Унија. Без минато и сеќавање на него. И без наследството на комунизмот што никој не го посакува. А тоа е тука – нашето заедничко национално наследство.

Слични Објави