ЗНМ и ССНМ: Новинар и снимател од „Алсат“ спречени да си ја работат својата работа
Утринава, пристигна пријава до ЗНМ од страна новинарска екипа на телевизијата „Алсат“, која била спречена да го следи протестот во општина Чашка пред ОУ „Тодор Јанев“ против воведување паралелка на албански јазик во училиштето.
Кога колегата Авни Тахири и снимателот Новица Апостолоски пристигнале пред Општината, некои од луѓето што протестираат им забраниле пристап и влез во Општината и почнале вербално да ги напаѓаат, притоа се обиделе и физички да ја тргнат камерата, како што се гледа и од видеото објавено на официјалната фејсбук-страница на ТВ „Алсат“.
„Шо снимаш бе… Симни ја камерата, 100 пати ти рекоа симни ја камерата, прекини!“
На реакцијата на снимателот Апостолоски: „Не сум дома дојден да снимам“, еден од демонстрантите вели: „Па дома ми дојде, мое е ова бе, шо државно бе, само тоа сте научиле, тргни се од таму ајде“.
Потоа, по кратка недолична конверзација, лицето што се обидува да го избрка снимателот влегува во Општината и не му дозволува да влезе таму.
„Според кажувањето на колегата Тахири, по завршувањето на инцидентот, тие повторно се обиделе да влезат во Општината со цел да земат изјава од градоначалникот, но уште еднаш биле спречени во тоа, овој пат од чуварот во Општината“, велат од ЗНМ и ССНМ.
Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) бара објаснување од страна на општината во врска со спречувањето на новинарската екипа да влезе во јавна установа.
„Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите што работат на терен е од критична важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество. Насилството и спречувањето на новинарите да си ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо, не е во сообразност со демократските вредности и придонесува кон цензура“, велат од ЗНМ.
