|

ЗНМ изразува загриженост за начинот на кој се спроведува платеното политичко рекламирање на интернет

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази сериозна загриженост за начинот на кој се спроведува платеното политичко рекламирање (ППР) на интернет, предупредувајќи дека недостигот од јасни критериуми овозможува „сомнителни“ портали без транспарентност да добиваат значителни буџетски средства.

Според ДИК, за претстојните локални избори на 19 октомври 2025 година се пријавиле рекордни 257 интернет портали од вкупно 333 медиуми. Овој број е повисок од претходните изборни циклуси и, според ЗНМ, потврдува тренд на појава на нови портали непосредно пред избори со цел прибирање државни пари за партиски кампањи.

Меѓународните набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР и Државниот завод за ревизија веќе предупредија за недостаток на специфични правила за онлајн порталите и побараа воведување јасни критериуми и надзор.

Иако новиот регистар на интернет портали при АВМУ е поздравен како позитивен чекор – барајќи од порталите да имаат правно лице, седиште во земјата, национален домен и вработени новинари – ЗНМ истакнува дека овие услови не важат при пријавување за ППР во ДИК. Така, поголемиот дел од пријавените медиуми не подлежат на никаква проверка на кредибилитет.

Само 49 медиуми досега се впишале во регистарот на АВМУ, а доброволниот регистар Promedia.mk брои 105 професионални портали. ЗНМ ги повикува политичките партии да ги насочат средствата кон медиумите од овие регистри и апелира за итни изборни реформи кои ќе ја зголемат транспарентноста и ќе спречат партиско-медиумска корупција.

Организацијата предупредува дека во услови без надзор и без обврска за балансирано известување кај онлајн медиумите, постои ризик од нарушување на политичкиот плурализам и јавниот интерес.

Слични Објави