| |

ЗОШТО ДА НЕ ИМ СЕ ПОМОГНЕ НА ЛУЃЕТО КОИ КОПНЕАТ БАРЕМ ЗА ЕДНО ДЕТЕ?

Здружението за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување „До бебе по патот на ИВФ“ е релативно младо здружение основано по иницијатива на Зоја Самандова Петрушева, чија лична приказна ѝ била најголем мотив да го основа ова здружение.

Зоја која станала мајка после 12 години тежок пат, дури со седмото ин витро, точно знае како изгледа патот на оние кои немале среќа да станат мајки со првата, втората или третата и последна ИВФ процедура, што ги покрива државата.


До бебе по патот на ин витро ја споило со уште три жени со ралични приказни зад себе во борбата за потомство, успешни и неуспешни приказни, во кои без исклучок стои големо количество љубов, посветеност и пред сѐ огромна пожртвуваност, борбеност и храброст во желбата да се стане мајка.

Зоја Самандова Петрушева, Маја Филиповски, Катерина Тасевски и Ана Андреевска се јадрото на ова здружение со тенденција да ги обедини сите жени, како и нивните партнери, кои го одат мачниот и за жал, честопати финансиски и емотивно исцрпувачки пат до родителството.

„Потребата за основање на Здружението во јануари годинава произлезе од заедничката цел на секој поединец и двојка, кои се приморени да дојдат до потомство исклучиво преку ин витро процедурата и остварување на правото на родителство по полесен пат, како емоционално, така и од финансиска гледна точка. Со оглед на тоа што, за жал, сѐ уште постојат одредени предрасуди, мотивот беше и да се подигне свеста на јавноста за самиот процес на ин витро.

Сведоци сме за сѐ почестите проблеми со кои се соочуваат двојките и поединци при обид за потомство. Се смета дека во нашата држава инциденцата на инфертилитетот е поголема од 20%, односно дека секоја трета двојка има проблем со плодноста.

Според светските статистики, во 40 отсто од случаите причината е кај мажот, во 40 отсто кај жената и во 20 отсто од случаите репродуктивните проблеми се од општа природа од необјаснива причина , таканаречен идиопатски стерилитет.

Кај овие двојки најчесто единствено решение е до бебе по патот на ИВФ. Ин витро фертилизацијата ( ИВФ) е многу успешна опција за сите двојки кои имаат проблем со неплодност, кога сите останати методи за забременување на жената се исцрпени. Тоа е постапка во која јајце клетката се оплодува (фертилизира) со сперматозоидот надвор од телото на жената во лабораториски ( ин витро ) услови. Ин витро оплодувањето се практикува како терапија на неплодноста тогаш кога не постои ни еден друг начин да се излекува стерилитетот и оваа метода претставува круна на лекувањето на неплодноста, а за многу двојки и единствен пат до родителство.

Меѓутоа, многу често проблемот е во тоа што Фондот за здравствено осигурување покрива и ограничува само три ИВФ процедури, а на многу жени им се случува да не успеат да се остварат како мајки дури ни после седум. Во споредба со земјите во регионот каде законските регулативи за прво дете се пофлексибилни и дозволуваат можност до шест ваучери ( Словенија, Хрватска), пет ваучери ( Босна и Херцеговина ) и неограничен број на ваучери во Србија која во моментов има најдобра законска регулатива“, вели Зоја.

(Целиот напис прочитајте го на Мајка и дете)

Слични Објави