| |

Зошто нашата про САД елита се плаши од ЕУ?

Facebook статус на Никица Корубин

Дека “Калето” е одомаќинет термин во македонскиот политички, но и граѓански и бизнис жаргон, како синоним за највлијателната амбасада, сместена на самиот крај на Скопската тврдина е добро позната работа. Исто како што повикувањето на “амбасадата на САД” и што таа ќе каже е редовно алиби во партиско/политичките кругови, за сите неистомисленици (исто така про САД) на конкретни партиско/партократски замисли и интереси. Не е важно дали си “прозападно” расположен, важно е колку пати си бил на некој прием во американската амбасада, или си бил на некое (пре)платено “стручно” патување во САД.

И сето ова нема никаква врска со стратешкото партнерство на државата Северна Македонија со САД, и огромното влијание и значење кое тоа го има за нас и како држава и како граѓани. Ама, има многу врска со истата “елита” која сака (и го има) монополот на процесите во земјата, и сака по секоја цена да го задржи и преку монополот на односите со САД, на повеќе нивоа.

И немаше да биде ништо чудно, доколку тие врски и контакти се користеа за стратешката определба на нашата земја, но и на САД, членство во ЕУ, владеење на правото и борба против корупцијата. За која, патем речено, самите САД, ни ги даваат сите инструменти. Но, праксата покажува дека оној што е “про САД” не е по автоматизам и “про ЕУ”, која е всушност ефективната иднина на Северна Македонија. За што тогаш се користат “врските со САД” и дали тие што ги користат се “про ЕУ”, “про-форма ЕУ” или “анти ЕУ”?

Затоа што апсолутно никогаш, во македонскиот партиско/политички жаргон нема да слушнете, “така кажа Брисел”, “така кажа Берлин”, “така кажа Париз” или “така кажа Амстердам”. А, веројатно на ниво на бласфемија ќе се третира фразата “така кажа Софија или Атина”, иако и тие се главни градови на идни партнери во ЕУ, сегашни партнери во НАТО и плус први соседи. Ама, “вадењето” на тоа што “кажа Вашингтон” стана редовна пракса, на про-форма американство, кое само навидум го покрива и про-форма европејството.

И тие несуштински врски во политичка смисла, а крајно суштински во лукративна смисла на контролата на општеството, кои патем речено доаѓаат и од европските земји, во форма на секаков вид на финансиска помош низ годините; всушност квалитативно и квантитативно гледано, редовно завршува(ат) токму кај најголемите “про-форма” Европејци, кои вешто или “во духот на времето” ја (зло)употребуваат американската глобална и регионална политика, за “лично свое” и “лично туѓо” добро, што не означува по автоматизам и општо добро за државата и граѓаните. Напротив. Во овие сложени времиња, се чини дека го означува спротивното.

И всушност целото ова време токму “заробената држава” која иманентно се темели на “заробеното општество”, е најголемиот “проамерикански”, ама “про-форма европски” со силен “анти ЕУ сентимент”, партнер на САД и кандидат за ЕУ. Апсурд или одраз на нашата воља и можност да се соочиме со самите себе?

Затоа што, свесно или несвесно, во рамките на нивните можности, визура и интереси, тие ги негуваат истите “елити” кои ја заробуваат државата и општеството, и кои се “проамерикански” по потреба, а суштински “антиевропски”. Кои пак, ја сакаат (и користат) силата и моќта на САД, затоа што истата “сила и моќ” ја применуваат дома, која ќе биде апсолутно невозможна преку членството во ЕУ и особено преку реформата на системот.

Но, на крајот прашањето останува, дали односот на било кој стратешки партнер кон нас, е условен од нашиот однос кон самите себе? Кој ја гради сликата на “примитивност, лукративност и коруптивност”, како врвна идентитетска одредница? Кој го разградува системот и ја негува “неписменоста на граѓаните” по сите основи? Кој е заклучокот до кој треба да дојдат нашите стратешки партнери, во време на глобален конфликт, дека има потреба од “стабилен партнер”, а не “кредибилен и квалитетен партнер”?

Како и се’ во животот, некои работи зависат од нас самите, некои не. Исходот зависи од двете. Но, ако (намерно) отсуствува првото, тешко дека поволно ќе се вклопиме во второто. А, особено кога примарната позиција не се интересите на државата, како основа за интересите на граѓаните, тешко ќе ги “исчитаме” процесите кои се одвиваат и во ЕУ во моментов, затоа што нашите партиско/политичко/клановски елити, можеби се повикуваат на Вашингтон, со очи кон Белград, ама треба да стигнат до Брисел, Берлин и Париз.

Со делување, а не со глума. А, со тоа делување треба прво и на Вашингтон и на Берлин да им кажат: што всушност прават за својата држава за таа да може да стане квалитативно еднаква членка на ЕУ и кредибилен партнер на САД?



Слични Објави