Зошто Турција го нападна Африн
Пред еден месец, турските вооружени сили ја почнаа операцијата “Маслиново гранче” во северна Сирија. Офанзивата има еден мотив – расчистување на областите во близина на турската граница од присуството на вооружените милиции на Курдите. Турција го смета Одредот за народна самоодбрана (YPG) за вооружено крило на Курдската работничка партија и закана за својата националната безбедност.
Сепак, воената операција има и политичка нијанса, што не е некое големо изненадување. Реџеп Ердоган е демонизиран како диктатор, но мора да му се признае едно – умее да ги користи политичките инструменти, со кои ја освои љубовта на голем дел од турското население. Рестрикциите во однос на слободата на изразување во Турција можат да се сметат за темна дамка, но режимот во Анкара остана жив. А во денешни услови можеби и стана посилен.
Во што се крие успехот на Ердоган? Одговорот е едноставен и застрашувачки – турскиот лидер ја создава илузијата дека неговата земја е посилна и понезависна. Голем дел од турското население не обрнува внимание на апсењата и економските прашања, бидејќи го храни своето его со зборот “сила”. Ердоган ја создава сликата на една моќна Турција, споредувана дури со големината на Отоманската империја. Вистината секако е сосема друга, а таа е фактот дека Турција е сама. Турција е осамена на геополитичката сцена.
Со воената операција во Сирија Анкара сака да ги прикрие дипломатските пропусти со лажниот имиџ на една непобедлива армија која ги казнува неверниците во лицето на курдските борци. Сличен мотив лежи позади ѕвечкањето со оружје во Егејско Море. Грчкиот суд одби да ги екстрадира турските војници кои избегаа таму по обидот за воен удар. Анкара сфати дека не може да ја убеди Атина со правни мотиви за екстрадиција на војниците и почна да се заканува преку неколку ненаселени острови како изговор.
Не е тајна дека Турција одамна сака да влезе во Европската унија. По обидот за воен преврат и реакцијата на властите, Брисел испрати јасен и недвосмислен сигнал до Анкара – никогаш нема да станете дел од европското семејство! Турција беше изолирана. Европа не може да прифати земја во која апсења на новинари се смета за нормална појава и во која сите што се против власта да се сметаат за предавници и непријатели на државата.
Главната причина зошто турската армија не се двоумеше да навлезе на сириска територија е колапсот во односите со Соединетите Американски Држави. Долги години, Турција гледаше во лицето на Вашингтон, стратешки сојузник на кого може да смета. Во 1952 година, Турција стана членка на НАТО за институционализирање на нејзиното зближување со Западот и заштита од советската закана. Алијансата, исто така, има стратешки придобивки од членството на Турција, со оглед на нејзината географска локација и желбата да го запрат советското влијание во овој дел од светот. Меѓутоа, во последниве години, односите меѓу сојузниците во НАТО, САД и Турција се распаднаа. Операцијата “Маслинова гранка” е последниот пример за таа недоверба. Многу години Турција се бореше против Курдската работничка партија, а најголем страв во земјата е создавањето на курдски автономен регион. Сепак, вооружените сили на САД продолжуваат да ги поддржуваат ПКК и нејзините сириски вооружени крила со обезбедување оружје и логистика. Американците ги користат Курдите како оружје против “Исламската држава” и начин да се ограничи влијанието на Башар Асад во Сирија. И Барак Обама и Доналд Трамп ја водат истата политика во однос на курдските милиции, што во очите на Реџеп Ердоган е предавство.
Дојде и логичното приближување Турција кон Русија. Анкара потпиша договор за купување на ракетниот систем Ц-400, а исто така ги зајакна врските со Русија во енергетскиот сектор и туризмот. Втората по големина армија на НАТО и даде знак на Алијансата дека може да се грижи за сопствената национална безбедност, кога не чувствува поддршка од своите сојузници. Но, ова е ризична игра.
Сирија е минско поле во кое секој погрешен чекор може да има сериозни последици за регионот. Во играта за сирискиот трон, Реџеп Ердоган лесно може да го изгуби тлото под нозете и да ја стави Турција во спирала на дипломатски конфликти и несигурност. А во моментов на Турција и на Сирија тоа не им е потребно.
Автор: Денис Џамбазов/Факти

