| |

Зошто власта ја факторизира опозицијата, а ги дефакторизира пратениците?

Facebook статус на Никица Корубин

Секојдневниот миш-маш на партиски соопштенија, диригирани и насочени, со константно повторување на истите пропагандни фрази кои варираат од чиста лага до чиста манипулација, тој партократски пинг-понг на свесно инфантилизирање на јавноста, редовно се обраќа до партијата и нејзината хиерархија. Но, никогаш не се обраќа до единствените релевантни во дадениот момент, а и инаку главните, во хиерархијата на уставното уредување: пратениците. Зошто тие, пратениците, од власта се маргинализирани, а од опозицијата се суспендирани?

На монтираната и наместена сцена на “јавноста” непречен пристап имаат, неоспорен од никого, за слободно користење на јавниот регулиран етер, само партиите, нивните соопштенија или нивните “гласници”. Кои, понижувачки и парадоксално, се обични презентери (па, биле тие и пратеници) на совршено лошо срочени пораки, милитантни и тензични во својата појавност, а всушност сугестивни и репетитивни во својата суштина. Речиси хипнотизирачки. Само што после хипнозата, никој и не треба да се чувствува добро, туку изразито иритирано и конфликтно. Да се спреми за финалната пресметка. За идентитетот се разбира. Кој е загрозен од “клетитете” Бугари и Албанци.

Таа извештачена, полу-диригирана и полу-искрена претстава, секогаш се обраќа на “врвот” односно жаргонски кажано “врхушката” на партијата. Како и во секој авторитарен (ум), се знае хиерархијата. Ама, чија хиерархија? Таа на државата или таа на партијата? Затоа што повикот по претседателот на партијата или дури и по самата партија, суштински во парламентарна демократија не би требало да означува ништо. Хиерархијата на државата е сосема друга, таму на врвот се пратениците, па владата, па се’ надолу. Како тогаш, тие од власт, станаа владеани од партијата и партиските соопштенија?

Така што фактички, власта и не е во државата и нејзините институции, судејќи според дузината партиски соопштенија секој ден. Се чини дека “лидерот на опозицијата” кој нема никаква формална позиција во државата има поголема власт (и моќ) од формалната власт, собранието. Кое патем речено го суспендира одново и одново на дневна основа. Како инаку да се разберат повиците на власта до него (и до партијата) да се “одважеле” на уставните промени? Тие ли се парламентарна власт или пратениците, па нека бидат и тие пратеници предложени од нивна страна?

Ова флагрантно неразбирање или одбивање да се разбере суштината на парламентарната демократијата е “светот” кој треба да биде зачуван со блокирање на државата. Затоа што пратеникот не ја претставува партијата, туку граѓаните кои гласале за таа партија. И токму затоа неговата позиција и одговорност е индивидуална, а не колективна. А, пак неговиот глас е заштитен на секаков можен, законски начин.

Во парламентот нема формално-правна претставеност на партиите како ентитети, туку на граѓаните кои го даваат својот глас. Парламентот сме сите ние граѓаните, а партиите се само една од формите, преку кои пратениците може да бидат кандидирани на избори, но не и избрани. Конечниот избор го прават граѓаните, а не партиите. Зошто тогаш, премиерот, владата, министрите, кои се предлагачи на уставните измени се обраќаат до партијата (и нејзиниот “лидер”)? Таа ли, партијата ќе гласа во парламентот? Тој ли ќе ја носи одлуката? Неформален центар на моќ ли се, “паралелна власт”, “браќа по оружје”, во партократската свест? “Партнери” кои си го разбираат партискиот речник? Наредбодавачи ли се на “своите” пратеници? Го кршат ли уставот и законот, па им кажуваат како да се изјаснат?

Одговорот ќе треба да го дадат самите. Зошто ја факторизираат (и засилуваат) опозицијата и нејзиниот лидер секој ден, иако се декларативно на спротивната (европска) страна, а ги дефакторизираат (и ослабуваат) пратениците, кои се наши, претставници на сите граѓани. Случајно ли е, (не)свесно ли е, занесени се и заиграни ли во партиската и партократската игра или друга “игра” е во прашање? Што и да е, времето изминува, она што го купуваат заеднички цела година, а и години наназад, а одговорите мора да се добијат. Но, од повиканите по закон, а не од наметнатите над закон. Европската држава, тоа го бара, онаква каква што Северна Македонија ќе стане, на овој или оној начин.

Слични Објави