#ЗОШТОНЕПРИЈАВИВ – ПОРАКИ НА ЖЕНИТЕ ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО
„Се плашев дека ќе ми се одмазди“, „Ми се закани со отказ“, „Моите ми кажаа да не кажувам на никој“, „Беше дете од фамилија“, „Другар му е џандар“ и „Не знаев каде“, се дел од пораките кои изминатата ноќ беа поставени на повеќе локации низ Скопје, во рамки на кампањата за борба против насилството врз жените, под хаштагот #ЗоштоНеПријавив.

Ова е герила акција на феминистичката платформа „Медуза“ чија цел е да укаже на причините поради кои жените и девојките најчесто не пријавуваат дека се жртви на одреден вид насилство.
„16 дена активизам против родово базирано насилство“ е кампања која почна на 25 Ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жената и ќе трае до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, чиј фокус е сексуалното вонемирување, насилството и силувањето, под слоганот „Generation equality stands against rape!”.

Како заштитен знак е портокаловата боја, која според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се крие фактот дека секоја трета жена во Северна Македонија е жртва на семејно насилство.
Хелсиншкиот комитет за човекови права објави дека само во првите 9 месеци имало над 700 пријави за семејно насилство, а во 610 случаи жртви биле жени.
