12-ТЕ НЕКРСТЕНИ ДЕНОВИ
Некрстените денови се протегаат од Божиќ до Богојавление. Периодот откако ќе се роди Бог, тој е некрстен и поради тоа се верува дека владеат демони и лоши сили, се додека не го измие своето тело во света вода бидејќи се верува дека водата има заштитна (апотропејска) функција за време на празникот Богојавление.
Овие дванаесет дена содржат најразлична обредност и се дел од новогодишни празници кои припаѓаат во зимскиот солстициум, што останал разделен на делови и по промените во календарот што биле вршени во рамките на реформацијата на црквата. Овие денови ги нарекуваат и самовилни, бидејќи се верува дека се особено опасни, поради што се вршат разни обреди со заштитно(апотропејско) значење. Се верува дека ноќно време шетаат душите на мртвите, демони и караконџоли. Караконџолата најчесто ја замислувале, како натприродно суштество во облик на висока жена со долга коса, која има за цел да ги напаѓа децата и да врши и други злочини во селото.
За да се одбранат и заштитат од караконџолата, луѓето измислиле цел систем на правила и забрани како што се следниве: “ Не смееле да излегуваат навечер во периодот од 22ч до 2ч. Тој временски период го нарекувале, и се уште се нарекува “глува доба”. Водата што стои таа ноќ во куќата, не смеела да се пие, ниту пак со неа да се капат децата. Оваа вода што ноќевала се нарекувала “глува вода “. Рано наутро се исфрла таа вода и се носи нова. Ова верување било во согласност и со другите верувања во врска со вода што стои, како место каде што престојувааат душите на мртвите.
Од тие причини, во некои села, како одбрана од злите сили и духови, се појавиле обредите со маски. Ноќта спроти Василица, оделе маскирани поворки суровари/ василичари. Суроварите, се одржувале до 1955 година, но со идеологијата на новата власт, против “народната ретроградност”, започнал негативен однос кон овие обреди, а посебно по суроварите и џамаларите при што следувале и казни. Тоа придонело, со тек на време овие обдреди полека да исчезнат и да го изгубат своето значeње. Денеска, овие обреди под маски се изведуваат поради забавен карактер.
Автор: Кристина Паско, етнолог
