15 000 ЕВРА ТРЕБА ДА ПЛАТАТ ТРОЈЦАТА ПРЕКРШИТЕЛИ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ВО СИНГЕЛИЌ- МВР ГИ ИДЕНТИФИКУВА УЧЕСНИЦИТЕ ВО ПРОТЕСТОТ
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за определување казнен налог против три лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информираат од ОЈО Скопје.
„Обвинетите на 13 април околу 22 часот, во скопско Сингелиќ биле затекнати надвор од нивните домови, без да поседуваат дозвола за движење, со што ја прекршиле Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Македонија“, соопштија од Обвинителство.
Основното јавно обвинителство Скопје на Основниот кривичен суд Скопје му предложи на тројцата обвинети да им изрече парични казни од 100 дневни глоби, а висината на една дневна глоба да биде определена на износ од 50 евра.
По насоки на јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи постапува за идентификација на останатите лица кои на 13 април во знак на протест излегоа на улиците на Сингелиќ и го прекршија полицискиот час.

