16-те секунди на Димитров

//

Пишува: Владимир Перев

Театрално и бесрамно го започна своето лажливо излагање Никола Димитров пред Парламентарното собрание на Советот на Европа. Атмосферата личеше како во некој СФ филм со погрешно терминирана временска машина, нешто кое веќе одамна е видено, а и тогаш и сега, фарсично и надреално. Како некој да се заборавил во кое време се наоѓаме, каков е распоредот на силите и кои се меѓународните приоритети во актуелниот момент…а тој тие нешта би требало најдобро да ги знае. Таквите театралности, политички широкоградости и ефтини, лажливи тиради беа дозволени и со одушевување примани само ако ги изречеше југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито на некое заседание на ООН или пред слушателите на некој светски универзитет, додека пак селските просташтва на истите места беа резервирани за Никита Хрушчов, а целата јавност со воодушевување ги следеше и острастено ги пренесуваше. Сега ова е друго време, други лидери, други обичаи и најважното, други проблеми и визии за иднината. Денес зборовите треба да се реализираат и да бидат вистинити, а лагите и селското просташтво заминаа во “добрите“ спомени од историјата.

„Кај нас нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност. Ниту една официјална жалба“ ќе наведе Димитров во своето излагање. Каде ли живее овој човек, што ли чита и како се образува? Не, овде не се работи за обично безобразие, овде има синдром на недостаток на реална балканска култура, избришана од европското и светското образование, воспитание и живеење. Ги чита ли некој материјалите од (за жал) веќе укинатата Комисија за лустрација за да разбере кои сѐ и какви акции преземала ДБК во справување со “бугарскиот елемент“ во Македонија, или некој мисли дека тоа било “заштита“ на Уставниот поредок на државата.Нека само погледа кои сѐ граѓани на Македонија се уапсени по случајот на атентатот на Глигоров, сѐ ќе стане јасно. Нема апсени албанци, срби-недај Боже, нема роми, нема власи ни случајно, нема еѓиптјани, нема бошнаци…па кој останува тогаш? Оние кои “никаде ги нема“, ги нема во министерствата, ги нема во полицијата, во правосудието, во обемниот и богат директорски корпус, ги нема никаде. Тие се тука само кога треба да се апси, да се врши насилие и да не се одговара никому. И тоа така трае последниве стотина години. Нека си го праша својот колега Фрчковски колку души по “бугарската линија“ беа апсени по повод атентатот и какви насилни мерки беа спроведувани. Сето тоа е запишано и објавено, непотребно е сега да се повторуваат имињата, но и да не се заборави да се каже дека врз некои жени е вршено полициско физичко и психичко насилие кое е забележано и во меѓународните организации. Некои беа и семејни пријатели на фамилијата Димитрови.

Кому да се жалат и на кого да се жалат. Бугарите во Македонија немаат никој свој на некоја елементарна позиција во државата, а жалбите се упатени и се решаваат на принципот, “кадија те тужи, кадија те суди“. Секоја жалба, секој приговор на македонските бугари предизвикувал само перверзно задоволство на оние до кои е упатена жалбата и потврда дека тие, џелатите на еден народ, добро си ја вршеле работата. Тоа била картата за нивното унапредување во службата.

Кому да се жалат оние 53-ца убиени велешени без суд и пресуда, оние дваесетина во Прилеп, четириесетина во Куманово, неброени други низ Ресен, Охрид, цветот на интелигенцијата од навистина мултинационалната Битола, кому да се жалат нивните потомци кои до денешен ден живеат со обележаноста на потомок од некој суден или убиен заради барањето на своето право да биде тоа и таков, каков што се чувствува. Димитров навистина е дојден во политиката од “вчера“, но делови од овој народ живат со својата трагедија многу од поодамна.

“Наметнатите пречки на патот кон ЕУ од страна на Софија не се територијални, реформски, туку историски и јазични и директно засегаат во нашата идентитетска определба, но и во она што е душата на Европа и европскиот идентитет и имаат реални импликации во однос на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот и континентот“, ќе ја изрече Димитров својата наредна манипулација. Не е точно дека Бугарија не бара реформски промени. Напротив, Бугарија инсистира на реформски промени, заради зајакнувањето на економијата во земјата, владеењето на правото, реформата на правосудството и друго, сето тоа во служба на зајакнувањето на демократските процеси во Македонија. Само со силна демократија, македонските бугари ќе ги остварат правата кои им припаѓаат како дел од една европска етничка/национална заедница. Меѓутоа, манипулација е дека од Македонија се бараат реформи кои задираат во историската и јазичната суштина на македонскиот идентитет. Се бара само објективност и почитување на историската вистина, со целосно право на опстојување на македонските позиции, толку јасно зацртани во актите на АСНОМ 1944 година. За територијалните промени не би требало да се разговара…тие ќе дојдат тогаш кога ќе пропаднат реформските и демократските процеси во земјата, а тие, територијалните промени, нема да ги донесе бугарската етничка заедница во Македонија. А што се однесува до нашата “грижа“ за европската безбедност, тоа е нешто на кое никој не верува…ако безбедноста на Европа зависи од присоединувањето на Македонија или пак западен Балкан, тогаш Европа е во позиција на Австро-Унгарија и само еден Гаврило Прицип е доволен за да се доје до експлозија и пропаст. Ние таков немаме, последниот беше Владо Шоферот!



Македонските челници не можат да се ослободат од убедувањето дека европските политичари се приглупи, прости или пак недостатачно образовани. Најчесто сметаат дека се лесно подкупливи и целата дејност ја насочуваат кон тие елементи. Наместо да учат од нив, тие им ги прикачуваат нашите особини. Ако Димитров смета дека европјаните се незаинтересирани за нас, како што сме ние за историските проблеми со Алзас и Лорена, со Јужен Тирол или Каталонија, горко се лаже. Кога ќе дојде часот, сите ќе се заинтересираат за проблемот, најмногу заради нив самите, за тоа како да ги разрешат своите слични проблеми. Колку да се знае, гласањата не се така лесни и неодговорни, а никој не може баш сите гласачи да ги подмити.

Во зората на слободата, распадот на Југославија и формирањето на Македонија и повеќепартискиот систем, книгите на Димитар Димитров беа нишката-водилка на цела една генерација, како за демократијата, така и за нашата историја, националност и идентитет. Младиот Димитров веројатно не ги прочитал.

Сеуште релативно млад и со одлично образование, веројатно се готви да ги напушти “балканските ментални пространства“ и во напредната Европа да ги оствари повеќето свои амбиции. Тоа би бил логичниот крај на една неуспешна и пропадната “проевропска“ политика на македонската дипломатија. Сепак, се сомневам дека театралноста и одбегнувањето на вистината, ќе му овозможат плодотворна работа. Таму треба нешто повеќе од 16 секунди!

Оние кои ќе останат овде, ќе треба да се соочат со вистините за сопствената историја и идентитет, а истовремено да се подготват и изборат за демократскиот идентитет на државата, толку неопходен за нашиот пат кон европските пространства.

Претходна статија

Бугарска национална платформа бара комисија која ќе ги истражи сите уништени бугарски споменици на територијата на РС Македонија

Следна статија

Рама: Отворениот конфликт меѓу Бугарија и РС Македонија ја држи како заложник Албанија

Најново од Истакнато