Новаков: Автопатот од Софија до Тирана станува стратешки европски приоритет
Автопатот од Софија до Тирана станува стратешки европски приоритет, изјави бугарскиот европратеник од ГЕРБ (ЕНП) Андреј Новаков во Тирана на средба со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија Белинда Балуку, известува прес-центарот на ГЕРБ.
Двајцата разговарале за стратешки европски проекти кои промовираат поврзување во Југоисточна Европа. Акцент бил ставен и на воената мобилност и можноста за оптимизирање на главните патни артерии во ЕУ за да бидат погодни и за движење на воена опрема. Како приоритет на регионалната соработка меѓу Бугарија и Албанија, тие ја издвоија изградбата на европскиот транспортен коридор број 8 што ги поврзува Јадранското и Црното море, се наведува во соопштението.
Албанија зазеде стабилен курс кон влезот во Европската унија и покажува исклучителна упорност и волја во спроведувањето на реформската програма, вели бугарскиот европратеник.
Андреј Новаков е во работна посета на Албанија на покана на бугарската амбасада во Тирана во својство на координатор на ЕПП во Комисијата за регионална политика во Европскиот парламент и член на делегацијата за односи со Албанија. Тој разговараше и со претседателката на Комисијата за евроинтеграции на албанскиот Парламент, Јорида Табаку. Двајцата ги разгледаа односите на земјата со Европската унија и ја истакнаа соработката меѓу парламентите на ЕУ и Албанија како важен фактор за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Со министерот за внатрешни работи на Албанија Таулант Бала Новаков разговараше за воведување на клучните реформи неопходни во контекст на политичките и економските критериуми за членство во ЕУ. Двајцата ја истакнаа стабилноста и безбедноста во земјата како главен предуслов за промовирање на странските инвестиции, економската размена и туризмот. Транспортниот сектор беше споменат како специфична област за соработка, со акцент на меѓународниот транспорт на стоки и товари.
На средбата со бугарската заедница во Елбасан, организирана од амбасадорот на Бугарија во Тирана Ивајло Киров, Андреј Новаков истакна дека луѓето како нив се вистинскиот мост и врска меѓу Бугарија и Албанија, бидејќи тие се одлично интегрирано малцинство, успеваат да да го зачуваат својот бугарски идентитет и во исто време со својата работа и достигнувања да бидат дел од развојот на земјата.
Во средината на јуни, Андреј Новаков пред медиумите го претстави новиот извештај на Европскиот парламент за големите транспортни инфраструктурни проекти во ЕУ. Тој дава детален преглед на постојните предизвици во спроведувањето на големите транспортни инфраструктурни проекти во ЕУ и ги наведува главните насоки за надминување на пречките со цел да се постигне успешно и навремено спроведување на овие клучни инвестиции за Европа. Сакаме „брза патека“ за реализација на големи инфраструктурни проекти, како и гаранции дека веќе доделените средства нема да се изгубат поради административни и политички пречки, рече тогаш Новаков.