34-то издание на фестивалот„Пирин фолк 2026“ ќе се одржи од 28 до 30 август во Сандански
Триесет и четвртото издание на фестивалот за авторска македонска песна „Пирин фолк“ ќе се одржи од 28 до 30 август 2026 година во Летниот театар во Сандански. Организатори се „Фен фолк ТВ“ и Општина Сандански, јавува Пиринско.
Фестивалот ќе започне на 28 август со јубилејното, десетто издание на „Детски Пирин фолк“, на кое ќе настапат 20 учесници на возраст од 8 до 15 години. Специјални гости ќе бидат Донко Марков и „Трио Булгарина“, кои ќе настапат со танчарите од ансамблот „Чинари“.
На 29 август ќе се одржи натпреварот за изведувачка уметност, на кој учесниците ќе изведуваат македонски песни. Во ревијалниот дел ќе настапат Марија Чакард’кова со Неврокопскиот ансамбл и Вили Рај.
Завршната вечер, на 30 август, е резервирана за натпреварот за авторска македонска песна, на кој ќе бидат претставени нови композиции создадени специјално за фестивалот. Пред публиката ќе настапат Теодора, која ќе промовира нови авторски песни, и Деси Слава со избор од познати македонски песни.
Фестивалските вечери ќе се пренесуваат во живо на БНТ 1, БНТ 4, „Фен фолк ТВ“, „Фен ТВ“ и EKids, како и на БНР – Благоевград. Билетите се во продажба преку мрежата на Eventim и во Туристичкиот информативен центар во Сандански.

