| |

ЗА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА

Едно време бевме држава на работниците-работничката класа преку самоуправувањето, како општествен систем управуваше и со државата и со економијата. Работникот беше центар на нашиот универзум. Вистина, реалност или привид, масовна халуцинација, измама од огромни размери?


Денес оние што работниците во тоа време ги ставија како први меѓу рамноправните станаа робовладетели на таа иста работничка класа, нивен подјармувач. Оние што во социјализмот ги нарекуваа директори станаа газди. Од средната класа станаа богаташи кои за возврат ја уништија класата од која потекнуваат. Затоа и денес веќе ја нема средината-или имаш или немаш, трето нема!


А ако животот бил суров со тебе и те сместил во класата на работниците, верувај ѓаволски тежок е патот кон горе. Не е тешка работата туку се тешки условите кои ти ги наметнуваат другите да не станеш еднаков на нив. Сопки на секој чекор, па имај сила оди напред.


Читам ,,газдите“ бараат дополнителен половина час во работното време на текстилците. Не биле доволно продуктивни и губеле многу работни часови поради празниците. Кој безобразлук-па дури 23 празници во текот на годината. Фирмите за текстил едвај се покривале, а профит можеле само и да сонуваат. Нема што освен –КАТАСТРОФА!!!


Ама не за ,,газдите“ туку за работниците, за тие вредни мравки кои се всушност продуктивниот дел од нашето население. Значи малку е што не им даваат паузи на работа, што јадат по WC-а, што немаат ниту празник ниту делник туку само постигнување на норма (секогаш проследено со нејзино надмашување), а за возврат земаат плата како оние во Северна Кореја. Па нели не беше добар социјализмот-зошто се враќаме на тие вредности и услови?


Драги ,,газди“ да не ви беа тие работници, вие немаше да бидете ,,газди“ туку ќе бевте слуги на некој, во некоја далечна земја. Бел ден немаше да видите како работниците ваши сега. Немаше да се имаат хациенди, баснословни богатства, имот чија вредност ниту вие самите не ја знаете.


Минималната плата е цена на човечко достоинство, а ниту оддалеку не е цифра што ќе ги подмири сите трошоци на работникот во месецот. Појдете од вас самите, па тој износ ни за гориво не ви е доволен во текот на месецот.
Јадните работници ќе работеле 40 часовна работна недела, ќе имале право на дневен, неделен и годишен одмор или време за себе и своето семејство. Програма на секоја партија пред изборите, а ветување прво заборавено веднаш после изборите. Никој не се сеќава на работниците се до следните избори.


А што да кажеме за правда за работниците? Дали има институција што ќе ги заштити или што барем ќе бара законите да важат и за нив? Некоја институција со префикс работничка или трудова? Нема???

Во Куманово ни се случи трагедија при изградба на зграда. Нема информација ниту кој е инвеститорот,ниту кој е изведувачот, а не камо ли што преземале инспекцијата или полицијата. Одговорноста не смее да се избегне со подведување под несреќен случај. Нема овде виша сила туку е чист случај на човечка грешка, па некој и нека одговара. Чисто како опомена за спречување на идни вакви настани.
Така да мили мои, не го чепкајте работникот. Сам не може да смени ништо, ама здружени се сила која може да згази се пред себе. Повеќе почит и помош кон работникот, ако сакаме да ни ја биде државата. Послушајте!

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово



Слични Објави