| |

+ 5% ПО РАМКОВЕН

Почитувани, легна платата зголемена за 5%. Легна, ама само на лимитиран број банкарски сметки и тоа само на административците. Немаме ништо против да растат платите. И треба да растат за да го пратат трендот на зголемените трошоци на живот. Ама, ова што се случува нема ништо заедничко со праведното зголемување за сите.
Пример-Зголемени платите на администрацијата во здравството, а за лекарите и медицинскиот персонал ништо. Објаснување? Најнепродуктивниот слој од системот кој ништо не произведува добива покачување, а оние директни извршители на задачите не. Ова тешко некој да може да го објасни или оправда.
Владата громогласно најавува покачување од 5%, а после го добиваат само нивните директни партиски војници-административците. Знаеме и јавна тајна е дека од осамостојувањето на Македонија, државната администрација е сектор за вдомување на партиски послушници. Далеку сме светлосни години од професионализам и кариеризам во државната администрација. Се поставуваат беспотребни квалификации, без соодветно или без образование и напредуваат само поради партиски интереси и за партиски заслуги.

Сега тука го имаме и проблемот со административците-домашни болви, кои никако да излезат од дома, а повеќе од десет години редовно си земаат плата. Сигурно се многу заслужни за ова наша напатена земјичка, штом без било каков ангажман си примаат плата со сите социјални придонеси, додека пак од друга страна работниците секојдневно мака мачат за 200 евра плата на рака.
Епа кога веќе им ја зголемувате платата, барем немој со тоа да му бодете очи на народот. Не го пропагирајте како проект за сите, туку правете го тоа онака искусно, под рака, да не ви бараме и ние останатите. Нема да ви биде ниту прв пат ниту последен.

А за работниците-Не им дозволувајте да останат на ова. Ако има треба да има за сите. Така да сплотено барајте си ги правата. Мора да ги поместиме од нивната комфортна зона и нивната сигурност. Нашите права се нивна обврска која мора да ја испочитуваат. А ако не…..

Одливот на мозоци и таленти во странство може да го запреме само со соодветни примања и правна сигурност. Со вакво однесување на Владата, ќе нема кој ни светлото да го изгасне на заминување.

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ- Куманово



Слични Објави