| | |

„Трибуна“ наврши 4 години!

Пишува: Атанас Величков, главен и одговорен уредник на порталот Трибуна

„Трибуна“ истера цел еден мандат. Без да има мнозинство во парламентот, без да прави кампањи и без да влегува во непотребни расправии со оние што напаѓајќи ја сакаа да се факторизираат себе си.

Би било клише овој напис да видеше бел ден на 5-тата годишнина на порталот, затоа денеска на четвртата, сакаме да им се заблагодариме на сите кои помогнаа ние да постоиме на македонската медиумска сцена.

Ова не е отчет, се што сме направиле може да се види. И убавите поенти и грешките, токму затоа сакаме акцентот за изминативе 4 години да го ставиме не на некаква сувопарна рекапитулација, туку на оние без кои „Трибуна“ немаше да го има.

Драги пријатели,

Сите вие што помогнавте „Трибуна“, како единствен медиум во земјата, кој стои на цврсти бугарски позиции, направивте едно добро дело. На територијата на РС Македонија формиравме место каде што може да се слушне и прочита зборот на оние што долги години биле замолчувани, а тоа не е мала работа.

Без вас одамна овој проект немаше да го има, затоа овие редови Ви ги посветуваме Вам.

Ние ќе ја продолжиме борбата во одбрана на вистината како иманентен атрибут на постоењето на нашиот портал! Се работи за принципи и достоинство! Ние сме горди, што успеавме благодарение на Вас да останеме цврсто на линијата, во РС Македонија да има медиум, кој ја кажува вистината за работите, кои најчесто биле одмолчувани, пренебрегнувани и претставувани во искривена светлина.

Денеска 4 години подоцна можеме со чиста совест да кажеме дека времето поминато пред мониторите на нашите компјутери не било потрошено залудно. Вие сте доказот за тоа, како наши помагачи и пред се како лојални читатели.

Не си дозволивме ниту за момент да станеме комерцијален медиум, кој ќе биде ставен на тезгата на распродавање на националните интереси. Се зачувавме чисти и на ниво достојно за нас, но и за вас без кои нашиот труд немаше да има никаква вредност. Не тргнавме по патот на шундот, конфронтациите и не губевме време да ја докажуваме нашата вистина пред оние, кои преку нас се обидуваа да добиваат политички поени заканувајќи ни се дури и со физичко отстранување. Лагите и навредите кон нас, кои се ширеа на социјалните медиуми ги сметаме за најголемиот комплимент за нашето работење.

Овој текст е благодарност и до сите наши колеги новинари од двете страни на границата, кои и покрај скромните кадровски и материјални капацитети на нашиот портал поверуваа во него. Тука би сакале да ги спомнеме пред се информативната агенција БГНЕС и порталот Фактор.бг, кои стоеја и стојат рамо до рамо со нас во нашата борба. Поддршката што ја добиваме од една од најголемите бугарски информативни агенции, каква што е БГНЕС на Љубчо Нешков, за нас е огромно признание и одговорност.

Упатуваме благодарност и до нашите колеги од РС Македонија, до сите без изклучок. Им благодариме на оние колеги, кои во своите написи не нарекуваа „блиски до одредени кругови во Бугарија“, бидејќи за нас тоа не е навреда. Ние сме гласот на слободниот свет и на Бугарија во Европа, во Македонија потоната во лагите и измислиците за сопствената величина.

Ние, драги пријатели, не сме од клапата на луѓе што се жалат. Ние сме горди и го одиме својот пат, свесни дека имаме сосема други задачи и одговорности.

Ви благодариме што во изминативе 4 години, бевте со нас и до нас.

PS: Сакаме да му искажеме посебна благодарност на нашиот голем пријател од Бугарија, г-нот Румен Начев од Ќустендил, кој во најтешките моменти на „Трибуна“ го помогна порталот со свои лични средства, обезбедувајќи ни хостинг и техника, во време кога бевме објект на хакерски напади и работевме со речиси ништожни технички капацитети.



Слични Објави