ПРАКТИЧНИ РЕШЕНИЈА ЗА ПРОБЛЕМИТЕ НА МЛЕЧЕН
Во урбаната заедница Владо Тасевски (т.н. Млечен ресторан) вчеравечер се одржа уште една средба меѓу граѓаните од оваа населба со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и претставниците од Полициската станица Карпош и СВР Скопје.
Ваквите теренски, маалски средби се одлична можност за презентација на конкретни проекти предвидени за населбите, но и изворно запознавање со локалните проблеми на граѓаните.
На почетокот од средбата градоначалникот Богоев напомена дека многу скоро започнува реконструкцијата на улиците “Римска” и “Атинска”, со средства добиени од Светска банка, а исто така целосно ќе се реконструира и прошири улицата “Њуделхиска” на која ќе биде поставена и нова атмосферска канализација.
Сепак, долж овие и други сервисни улици веќе со години паркирањето претставува сериозен проблем.
Локалната самоуправа веќе подготви проект за еднонасочен сообраќај, со цел да се намали сообраќајниот метеж, а и тротоарите да се ослободат од возилата и да претставуваат безбедни зони за пешаците.
Токму од оваа урбана заедница, пред два месеци, започна и „зелената офанзива“ во Карпош, во која што се засадија 155 висококвалитетни дрвја во повеќе урбани заедници.
Дополнително се зголеми зеленилото на платоата на Млечен и на Педагошка, а Богоев најави и започнување со реконструкција на спортските игралишта за фудбал и кошарка во основното училиште “Војдан Чернодрински”.
– Овој училишен двор ќе претставува вистински спортско – рекреативен центар, кој ќе овозможи подобри услови за учениците, но и за сите млади од овој дел на Карпош кои ќе сакаат да спортуваат и да се рекреираат.
Во оваа населба од секогаш постоел маалскиот живот, решени сме да го унапредиме, со нови содржини кои нема да ја загрозат автентичноста и духот на Млечен, рече Богоев.
Во разговорот со градоначалникот, граѓаните наведоа повеќе проблеми кои се однесуваат на јавниот ред и мир и поставувањето на урбаната опрема од страна на угостителските објекти.
На средбата, претставниците од ПС Карпош се понудија на целосно располагање на граѓаните и се договорија заеднички патроли на покритичните места.
Исто така, ќе се интезивираат теренските контроли врз оние објекти кои не ги почитуваат правилата за поставување на урбана опрема, а Богоев нагласи дека во Градот Скопје се подготвува и нов Правилник за целосно справување со субјектите кои го узурпираат јавниот простор.
