Киев без греење и струја, во исчекување на обилен снег
Од денеска во Киев се очекува обилен снег, температурите ќе се спуштат под нулата, а милиони луѓе во градот и околината остануваат без струја и греење.
Производителите на електрична енергија можат да покријат само три четвртини од потребите на потрошувачите, поради што се воведени рестрикции и прекини на струја низ целата земја, објави мрежниот оператор „Укренерго”.
Претседателот Володимир Зеленски рече дека електричната енергија е ограничена во 14 од 27 региони во Украина, вклучувајќи го и Киев, за „повеќе од 100.000“ потрошувачи во секој регион.
„Ако потрошувачката се зголеми во вечерните часови, бројот на прекини може да се зголеми“, рече Зеленски.
Сергеј Коваленко, главен оперативен директор на „ЈАСНО”, кој го снабдува Киев со електрична енергија, рече дека ситуацијата во градот се подобрува, но сепак е „прилично тешка“.
Тој посочи дека граѓаните треба да имаат најмалку четири часа струја дневно.
„ЈАСНО” е малопродажна подружница на ДТЕК, најголемиот приватен снабдувач со енергија во Украина.
Последното руско бомбардирање во средата ја предизвика најголемата штета од конфликтот досега – остави милиони луѓе во Украина без струја, вода и греење.
Русија вели дека не е насочена кон цивилното население, а Кремљ тврди дека руските напади врз енергетската инфраструктура се резултат на неподготвеноста на Украина да преговара.
Во ретка јавна расправија меѓу украинските лидери, Зеленски во петокот го критикуваше градоначалникот на Киев за, како што рече, лошата работа на засолништата за итни случаи да им помогнат на оние без струја или топлина по руските напади.
Укренерго најави дека прекините на електричната енергија ќе продолжат и повикаа на ограничено користење на електричната енергија.
„Сакаме да ве потсетиме дека сега секој Украинец во чиј дом е обновена електрична енергија може да им помогне на другите да ја вратат побрзо, едноставно со умерено користење на електричната енергија“, се вели во соопштението на апликацијата Телеграм.
Снегот се очекува да продолжи да паѓа во Киев, град кој пред војната беше дом на 2,8 милиони жители, до средината на неделата, додека се прогнозира дека температурите ќе останат под нулата.
Извор: Слободен печат
