Бугарскиот амбасадор во Белград заедно со дипломати од ЕУ ги осуди заканите кон новинарите на српскиот весник „Данас“
Бугарскиот амбасадор во Србија, Петко Доjков, заедно со уште 10 дипломати од Европската Унија /ЕУ/, ја посети редакцијата на последниот независен печатен медиум во Белград „Данас“ со цел да ја изрази својата поддршка и да се спротивстави на заканите против новинарите во весникот, пренесува БГНЕС .
Во делегацијата учествуваше и претставникот на ЕУ во главниот град на Србија, Емануел Жофре. Пред еден месец беа упатени смртни закани кон редакцијата, а надлежните органи се однесоа кон нив со рамнодушност. Во заканите стоело дека новинарите од „Данас“ ќе завршат како оние од француското издание „Шарли ебдо“.
„Новинарите мора да имаат можност да работат слободно. Мора да има плурализам и демократија на медиумскиот пазар“, рече Жофре за време на разговорот со новинарите Драгољуб Петровиќ, Бојан Цвејиќ, Сафета Бишевиќ и Јелена Диковиќ.
Слободата на новинарството е кислород на демократијата, рече шведската амбасадорка Аника Бед Дејвид.
„Данас“ е проевропско и граѓанско издание и токму поради оваа причина е под притисок, вели главниот уредник Драгољуб Петровиќ. Според Сафета Бишевиќ, ситуацијата во Србија е полоша од времето на диктаторот Слободан Милошевиќ, кога министер за информации беше актуелниот претседател Александар Вучиќ. Таа ги повика западните дипломати „да се воздржат од честото поддржување на Вучиќ, нешто што често го прават“.
Раководството на „Данас“ извести и за економскиот притисок против објавувањето и одбивањето на потенцијалните компании да се рекламираат бидејќи стравуваат од репресии врз нивниот бизнис од страна на Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.
На средбата покрај бугарскиот амбасадор учествуваа и амбасадорите на Чешка, Финска, Италија, Холандија, Полска, Словенија, Шпанија, Шведска и Словачка.

