| |

Идентитетот за бесарабските Бугари е најсигурното нешто што го имаат

Пред повеќе од 200 години, бегајќи од отоманските поробувачи, илјадници Бугари ја напуштиле својата татковина за да се населат во Бесарабија. Низ годините, територијата на која тие се преселиле преминувала од границите на Романија и Русија, потоа СССР и на крајот – до границите на Молдавија и Украина. Во целиот период, нивната етничка припадност се чини останува недопрена, без разлика во која земја се наоѓаат денес или службениот јазик на кој се принудени да зборуваат. До овој заклучок дојде авторката на проектот „Корен“, Михаела Аројо, која низ фотографии ја долови историјата на Бесарабските Бугари.

Идејата се раѓа спонтано кога во 2019 година, Михаела го посетила годишното младинско собрание на Бугарите од Бесарабија во молдавското село Стојановка.

„Ова беше мојот прв контакт со бесарабски Бугари и многу бев импресионирана кога видов како не пречекаа таму, како ја чуваат својата култура, јазик – вели Михаела Аројо. – Почувствував чисто лична, внатрешна потреба да продолжам да се среќавам со тие луѓе, да комуницирам со нив и да ги фотографирам. Со текот на времето ова го продлабочи своето значење и се надевам дека ќе стане еден вид мост меѓу нас, Бугарите во Бугарија и Бугарите во Бесарабија, Молдавија и Украина. Ајде да се запознаеме подобро, да комуницираме едни со други и да создаваме корисни врски“.

За време на средбите со бесарабските Бугари, Михаела сфаќа дека тие, особено постарите, живеат со идеализирана слика за Бугарија, слична на неостварлив сон. Во истото време, тие ја прифатиле својата судбина на иселеници кои чувствуваат должност да ја поддржат дијаспората во местото каде што живеат. Нивниот стремеж за зачувување на бугарските корени го поддржува и нашата земја со различни програми. Така е и со проектот „Корен“, кој се реализира со поддршка на Националниот фонд „Култура“.

„За мене оваа приказна може да послужи не само како симбол на локално ниво, не само да ги поврзе Бугарите кои живеат на различни територии од Бугарија – истакнува Михаела Аројо. – За мене оваа заедница има поглобално значење, бидејќи Бесарабија е дом на многу различни националности – Бугари, Молдавци, Руси, Украинци, Гагаузи, Албанци. Сите овие луѓе во овој мултиетнички регион живеат во мир едни со други. Тие дури сметаат дека е предност што на три или четири години можат да научат четири јазици“.

Самата Михаела Аројо е потомка на емигранти од Шпанија по таткова линија, па веројатно затоа и судбината на бесарабските Бугари длабоко ја трогнува. Кога неколку пати ги прашува како војната влијае на нив сега, како ја перципираат руската култура пред и по нејзиното започнување, тие даваат елоквентен одговор поврзан со нивното чувство за идентитет:

„Она што е карактеристично за овој регион е тоа што луѓето се навикнати на тоа дека државната структура постојано се менува – објаснува Михаела. – На пример, личност која живеела меѓу двете светски војни првин се школувала на романски јазик, а потоа кога територијата станала дел од СССР, навлегува рускиот јазик и по распадот на Сојузот и одвојувањето на републиките се создаваат нови држави – Украина и Молдавија, со нов јазик. Однадвор можеби звучи чудно, но тие изгледа се навикнати на овие константни промени. Затоа, нивните напори се насочени кон тоа да се зачуваат како заедница, населено место, село или град. Дури понекогаш, кога ќе размислам за тоа, доаѓам до заклучок дека токму овие постојани промени можеби помогнале да си го зачуваат идентитетот, бидејќи тоа е најсигурното нешто што го имаат таму.“

Слични Објави