Хероите на нашето време
Пишува: Ѓорѓи Трендафилов
Согласно Уставот и законите… Во рамките на нашите надлежности… Ги преземаме сите законски мерки кои ни стојат на располагање… Пендаровски е шокиран од судската одлука за „Таргет-Тврдина… Ковачевски: Време е конечно да ја средиме државата,да покажеме дека сите сме исти пред Уставот и законите… Ковачевски до Бугарите во Македонија: И за вас важат законите … Felicidades Argentina: Пендаровски упати честитки за Меси и Аргентина …
Ова е само дел од возбудливиот викенд прикажан низ дел од новинските наслови. „Важењето на законите„ отсекогаш била растеглива материја која ги надминувала професионалните можности на обвинителите, бранителите,судиите, стручните соработници, истражителите…и на обвинетите.
Нашата Правда, слепа како што ја дал Господ, нема ниту најмало сомневање во тоа дека таа одамна нема ниту вага, ниту меч, а ниту пак дека „ Аргументите За и Против, внимателно се одмеруваат во Палатата на Правдата„ . Да, аргументите се одмеруваат, вреднуваат, исплаќаат, тргуваат,разменуваат, инвестираат, како и секоја друга услуга. На нашата Правда и се враќаат атрибутите на непристрасност и казна кога сме во прашање „ние другите„. Тогаш на сила стапуваат сите земни и небесни закони, прописи, одлуки,решенија, упатства и насоки, органи по службена должност, со една и единствена цел – невиноста е ретка опција!
Од независноста наваму, со секоја политичка (не)промена и реформа, повеќе наликуваме на Орвеловата фарма, отколку на нормална и пристојна држава. Во услови на економска несигурност и зависност,политичката манипулација е практично неограничена. Решенијата кои се производ на таквата манипулација,со различна динамика ги раскинуваат политичките и социолошките врски на релација граѓанин-држава-институција. Тоа создава своевидна „колонијална реалност„ во која има „Правда за нас и Правда за вас„ „Ваше и наше право,, „Права за нас и обврска за вас…
И следува крикот на премиерот – Време е… што покажува дека досега го покажувавме спротивното!? Дека не сме исти пред Уставот и законите? Па се разбира дека не сме, на тоа постојано се укажува, некои граѓани ја уживаат заштитата на Уставот, некои не! Некои се поеднакви од останатите еднакви пред законот!
Оваа состојба која може да се нарече „обездржавеност„ се протега долго време (без оглед) на политичката номенклатура која условно е на власт, а својата кулминација веројатно ја достигна за време на Ковид пандемијата покажувајќи целосна неспособност и неподготвеност на клучните јавни услуги од витален национален интерес.
Непристојно е од креаторите на овој феудално-кастински систем да очекуваат „аплаузи на отворена сцена„ поддршка или доверба поголема од онаа која реално и ја имаат – 8% . Таа е единствената оцена која објективно ја одредува вредноста на вкупните политички одлуки и мерки и оценката на јавноста кон истите. Политичките кампањи, натпреварот меѓу конкурентите, одамна не предизвикува посериозен интерес кај поголемиот дел од јавноста, која немајќи посилно оружје, посегнува по рамнодушноста и неучеството во политичките процеси, манифестирајќи отпор кон состојбите на кои повеќето од нас не само што немаме влијание, туку и немаме право да го имаме.
И затоа, зошто да не – Felicidades Argentina!

