| |

Слово за Јаворов*

Пишува: Владимир Перев

Почитувани, дами и господа,

Денеска сме се собрале тука да одадеме почит на големиот бугарски патриот, револуционер и поет, Пејо Јаворов, по повод на 145-та годишнина од неговото раѓање. Знаеме дека е роден на 1 јануари 1878 година по стар стил во Чирпан, тогаш во Османското царство, а трагичната му смрт е на 29 октомври 1914 година во Софија. Тоа се само 36 години на еден бурен живот, пренаситен од творештво, револуција, признанија, општествени осуди и лична трагедија.

Јаворов е човек и поет на времето кое доаѓа. Неговата поезија е зачетокот на симболизмот во Бугарија, а неговото револуционерно дело е логичниот пат на секој млад човек со патриотски чувства. Шест години трае неговото револуционерно зреење, од 1895 па сѐ до 1901, поточно од моментот кога како 17 годишно момче трга кон Софија за да се вклучи во Мелнишката акција на Врховниот комитет (ВМОК), преку познанството и пријателството со Гоце Делчев, сѐ до неговото конечно престројување во професионален револуцимонер-тоа е времето кога ослободителната идеја, малку по малку, го завладува поетот, изместувајќи ги сите останати идеи и размисли.

Јаворов уште од детството бил запленет од поезијата и револуционерната дејност на Христо Ботев. Се трудел на секој можен начин да го имитира. Ботев е неговиот идеал за единството на поезијата и животот. Да го повтори подвигот на Ботев е неговиот копнеж, неговата најдлабока тајна.

Јаворов е поетот кого го сакале жените. Ги сакал и тој нив! Тие љубови почнуваат од Дора Габе, преку трагичната оневозможена љубов кон Мина Тодорова, која прерано умира од туберкулоза, па потоа врската со трагичната и посесивна Лора Каравелова, за пред крајот да не му се оствари љубовта со осамената Дора Конова. Тоа беа жени кои тој ги сакаше, а тие сакаа да го поседуваат. Но, просторот беше веќе зафатен, него го поседуваше Македонија и ВМРО…взаимна, плодотворна и трагична љубов!

Да се потсетиме на неговото “Заточеници“, толку често рецитирано стихотворение и со долго време преднамерено заборвената посвета – Т. Александрову!

От заник-слънце озарени,

алеят морски ширини;

в игра стихийна уморени,

почиват яростни вълни…

И кораба се носи леко

с попътни тихи ветрове,

и чезнете в мъгли далеко

вий, родни брегове!

И за да нема никави недоразбирања по однос на поимот “родни брегове“, авторот продолжува:

А Вардар, Дунав и Марица,

Балкана, Странджа и Пирин

ще греят нам — до гроб зарица

сред споменът един.

Јаворов е поет на револуцијата, поет на борбата, но и поет на слабите, безсилните, прогонетите од родниот кат. Во стихотворението “Арменци“, издадено 1900 година, како да ја предчувствува, предвестува судбината на македонците и нивната трагедија на масовните раселувања од Вардарско и Егејско кон Слободна Бугарија.

Те пият и пеят… Отломка нищожна
от винаги храбър народ мъченик,
дечица на майка робиня тревожна
и жертви на подвиг чутовно велик –
далеч от родина, и боси, и голи,
в край чужди събрани, в порутен бордей,
те пият – пиянство забравя неволи,
и пеят, тъй както през сълзи се пей.

Револуцијата е неговото бегство, од светот на граѓанската уредност, во светот на непрекинатата борба. Само таму тој се чувствува слободен, заедно со својата Македонија:

Ден денувам — кътища потайни

нощ нощувам — пътища незнайни;

няма тато, нито мама —

тато да ругае,

мама да ридае…

Леле моя

ти Пирин планино!

Море черно

цариградско вино.

Да бяха, либе, да бяха,

да бяха злато ковано

твоите руси косици…

Мяна бих сторил мило за драго

хранена коня,

мяна за благо,

турци да гоня!

Не е тука само поезијата. Неговата книшка “Хайдушки копненија“ , неоправдано е подредена на љубовни стихови.Таму тој го опишува своето четникување и револуционерно дело, а биографијата на Гоце Делчев е првото и веројатно нај-доброто сведоштво за животот и делото на големиот син на Македонија.

Големите љубови речиси секогаш имаaт трагичен крај. Обвинет од општеството дека ја убива својата сопруга, Лора Каравелова и монструозно обвинен дека намерно самиот прави опит за самоубиство, последните делови ги минува полуслеп, осамен и разочаран. Единствено е поддржан од старите пријатели во борбата за слободата на Македонија – ВМРО и Тодор Александров.

Вториот обид за самоубиство е успешен-испива отров, за потоа да се самоубие со куршум кој овој пат не ја промашува целта. Во своето последно писмо до Тодор Александров ќе напише:

Кажи и на Македонија, кога ќе отидеш таму, дека нејзиниот син (јас се сметам за нејзин), ќе умре во слободна Бугарија, обременет со една тешка клевета. И кога Македонија ќе биде слободна, нека еден другар дојде на гробот и нека каже: „’Поздрав од нашата мајка маченица – таа веќе е среќна! Предај ги моите срдечни поздрави на домашните!

Силно ги стискам рацете на Христо Матов, Христо Татарчев и Александар Протогеров.

Те прегрнувам. Збогум.

Твој Пејо

Така, на 29 октомври 1914 година завршува животот на поетот-револуционер, предаден на делото за слободна Македонија. Пушката и перото, љубовта и борбата ја сочинуваат неговата личност…нешто како личност на јапонските самураи на кои толку многу се воодушевуваа македонските револуционери. Неговото самоубиство е херојски чин…тоа не е бегство од реалноста, тоа е победа на вонвременското и идеалистичното над бедноста на реалниот живот. Тоа е неговият последен херојски чин, чин на поет и револуционер.

*Реч на Владимир Перев во КИЦ на Република Бугарија по повод 145-та годишнина од раѓањето на Пејо Јаворов.

Слични Објави