|

Грција презема иницијатива за побрз влез на Бугарија и Романија во Шенген зоната

Грција презема иницијатива за побрз влез на Бугарија и Романија во Шенген зоната. Ова стана јасно по средбата на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев со неговиот грчки колега министерот за миграција и азил Нотис Митарачи, јавува БГНЕС.

На средбата двајцата министри разговарале за справување со илегалната миграција и приемот на Бугарија во Шенген зоната.

Министерот Митарачи се заложи лично да посредува Бугарија побрзо да биде примена во Шенген, изјави Демерџиев. Тој изрази оптимизам дека тоа ќе се случи во втората половина од оваа година.

„Со мојот грчки колега разговаравме за начинот на кој треба да се чуваат надворешните граници на ЕУ“, рече Демерџиев и додаде дека постигнале консензус на оваа тема, а тоа е дека заштитата на надворешната граница на ЕУ треба да биде зајакната, Бугарија и Грција да имаат поголема соработка во борбата против илегалната миграција, а исто така дека е потребна финансиска поддршка за двете земји во овој поглед.

Според министерот Демерџиев, двете земји се на мислење дека дијалогот со Турција е клучен за да успеат нивните напори за справување со илегалната миграција.

Нотис Митарачи од своја страна додаде дека Бугарија и Грција одржуваат одлична билатерална соработка и разговорите ги водат во дух на разбирање и доверба. Тој објасни дека со Демерџиев разговарале за можностите за справување со илегалната миграција. „Се соочуваме со заеднички предизвици како земји-членки кои ја чуваат надворешната граница на ЕУ“, посочи Митарачи.

Тој е категоричен дека е потребна ефикасна и јасна рамка за заштита на надворешните граници на ЕУ и систем на солидарност со земјите-членки на линијата на фронтот.

Треба да постигнеме договор за итни мерки на надворешната граница и имаме заеднички став со Бугарија дека чувањето на надворешната граница е единствениот начин за нејзино зајакнување, изјави грчкиот министер за миграција и азил.

Митарачи изјави и дека влезот на Бугарија и Романија во Шенген зоната е важно не само за двете земји, туку и за ЕУ. Затоа Грција презема иницијатива за побрз влез на Бугарија и Романија во Шенген, бидејќи земјите ги исполнуваат сите услови.

Приемот на двете земји во Шенген, рече тој, ќе испрати многу силна политичка порака за единство на европскиот континент, особено кога има војна.

Демерџиев најави и дека на територијата на Бугарија се одвива долго подготвена акција против илегалната миграција и најави дека се погодени групи, кои се вклучени во криумчарењето на мигранти.

„Ова е начин трајно да се реши проблемот со илегалната миграција. На прекуграничниот криминал може да се одговори само со заеднички сили“, рече министерот за внатрешни работи, нагласувајќи дека Бугарија соработува со Турција и со Грција за неутрализирање на овие криминални дела.

Слични Објави