| |

Анкетите, заштитена манипулација

Facebook статус на Никица Корубин

Чудни нешта се случуваат, со нашите про-форма “ЕУ организации и експерти” со доаѓање на секоја пролет. Лани, “се кршеа копјата”, да не кажам “се кршеше на парчиња европската перспектива” со изразениот и недвосмислен анти ЕУ наратив, спакуван во анализи, истражувања, изјави од секаков тип; кој кулминираше со нивно смешно и накарадно спојување со про-форма националистички партии и структури, во една франкештајновска заедница, “не за ЕУ по цена на идентитетот”.

Ексклузивното право за “дефиниција за идентитетот” ја имаат, разбирливо сите тие, здружени во “спасувачката акција против разнебитувањето на Македонија”, секој со своја експертиза, а како општа за сите “историската експертиза”. Па, така, еве повторно, пролетната офанзива почнува. Каде застанааа лани, со отпочнување на преговорите со ЕУ, продолжуваат со несмален интензитет и нескриен гнев од исходот на анти ЕУ кампањата. Но, што е иницијалната каписла сега, ако го исклучиме латентното “ЕУ не ни треба”?

Некако се чини дека многумина останале погодени од анкетата на ИРИ на крајот на минатата година, каде поддршката за ЕУ останува висока, “73% проценти поддржуваат Северна Македонија да стане членка на ЕУ”. И покрај тоа што направија се’ што е во нивна моќ таа поддршка да се намали, помогната од сите можни структури во општеството. Па, десетици, стотици, илјадници ламентации и жалопојки дека “јазикот ќе исчезне”, па “идентитетот ни е загрозен”, па “стручно-итарпејовски финти” за малцински реципроцитет, со флагрантно прекршување на уставот на дневна основа и монструозни замени на тези и поттикнување на заблуда, со крајна цел емотивно скандализирање на чувствата на припадност на граѓаните.

И после сето тоа, граѓаните велат ние сме за ЕУ?! Мора да е страшна помислата за декларирани ЕУ организации, богато помогнати од истата таа ЕУ, но и поддржани од нашата држава дека граѓаните се за ЕУ, која е всушност “spiritus movens” и на нивното постоење. Парадокс, нелогичност, шок? Или “паѓање на маските” кои искрено речено, никогаш и не биле посебно успешни, надвор од “системот на негување и заштита”, кој се протега од владино и невладино спонзорирано делување, систем на “медиумски отворени врати”, кога веќе е поминат првиот и главен критериум “наши деца”. Вака гледано, станува појасно што се подразбира под флагрантната злоупотреба на терминот “идентитет”: идентитетот е всушност друг збор за “нивниот свет” во кој по сите основи е претворена нашата држава, Северна Македонија. Само да нема заблуда, се знае кои се актери, а кои се статисти во тој свет.

Ако го изземеме фактот дека меѓу минатата и оваа пролет, сите про-форма ЕУ организации и експерти, после неуспешниот обид за компромитирање и загрозување на членството на Северна Македонија во ЕУ; беа дочекани со “раширени раце” од политичкиот “про ЕУ фронт”; што е апсурд сам по себе, единствено ако и политичкиот дел, декларативно е ЕУ, колку што суштински и не е; останува прашањето за преостанатиот кредибилитет.

Во науката има процес при почетокот на самото истражување кој се нарекува “поставување на научна теза”. И тоа е најчувствителниот дел, бидејќи како ќе ја поставиш тезата, така ќе го развиваш и делото, а на крајот релевантноста на делото ќе зависи од почетокот. Со други зборови, која е причината поради која го правиш истражувањето, што сакаш да дознаеш? Одговорот треба да дојде после завршувањето на истражувањето, а твојата субјективна теза треба да ја објективизираш при самото истражување за да бидеш релевантен. Ако однапред знаеш кој ти е заклучокот, чуму тогаш истражуваш, за да формално го покриеш твојот однапред дефиниран став?

Е па така некако изгледаат анкетите после “шокантните 73% проценти поддршка за ЕУ, на ИРИ”, која патем речено е истражувачка по сите параметри, суштински, а не формално. Тие се обидуваат да го “потврдат нивниот однапред дефинираниот став”, и сите наведувачки прашања се во таа насока: да ги дразниме и провоцираме граѓаните, на темите кои мора да бидат “лоши”: малку (анти)бугарско, малку (анти)албанско, малку паника од историски ревизии (читај досиеја), малку “ништо не чини”. Со заклучоци однапред донесени, буквално и метафорички. И сето спакувано во врвната манипулација и злоупотреба, на сопственото неспорно искуство. Тоа можеме симболично да го наречеме “злосторство со умисла”.

И на колку ја “сведовме поддршката за ЕУ”? Кој низок процент е задоволителен? И особено апел до владата и сите релевантни фактори, никако да не ги заборават сите овие наши “европски експерти” кога ќе започне отварањето на поглавијата. Кога веќе нема да ја уништат европската иднина, тогаш барем да ја водат. Се чини чудно и накарадно? Барем да беше само до перцепцијата.

Слични Објави