|

Законите за автопатите може да не добијат претседателски амин, најави Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски ги следи критиките во јавноста поради спорните измени на деветте закони, без кои не може да се градат автопатиштата од конзорциумот „Бехтел и Енка“. Според Пендаровски, ако законите повредуваат права на граѓаните – тој нема да ги потпише и нема да се објават во „Службен весник“.

„Треба да видиме, денеска почнува процедурата за девет закони. Меѓутоа, не можеме да знаеме однапред во каква конечна верзија ќе бидат тие законски проекти затоа што може да бидат изменети со амандмани. Да ја почекаме дебатата, да ја видиме конечната содржина на тие закони. Мојот тим правници се ангажирани за следење на дебатата. Во однос на процедурата, иако одат по скратена постапка, не се со европско знаменце и ќе има доволно време за и опозицијата да поднесе амандмани и да се вклучи во дебатата. Ќе имаме аргументирана расправа. Кога ќе ја видиме конечната верзија, ќе знаеме каков ќе биде ставот за потпишување указ“, рече Пендаровски.

Посочи дека ги следи и сите реакции од јавноста.

„Реагираат на прелозите на законите. Влегуваат во Собранието, опозицијата и власта, може и владејачкото мнозинство да предложи амандмани, претседателот го гледа конечниот закон. Ако ги повредуваат правата на граѓаните, завлегуваат во правата на трети лица, се разбира дека барем некои од тие закони нема да поминат, но да ги видиме во конечна верзија“, додаде Пендаровски.

Слични Објави