Македонија, Украина и бугарската политичка елита
Пишува: Атанас Величков
Со своето вчерашно обраќање на Самитот на Советот на Европа во Реjкавик, премиерот на РС Македонија Димитар Ковачевски, се потруди да го повтори оној „легендарен“ настап на неговиот политички гуру Бранко Црвенковски, пред Генералното собрание на ОН во Њу Јорк во почетокот на март 2010 г. Вчера Ковачевски кажа дека „дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија за жал е многу сличен на дискурсот кој Руската федерација го користи кон Украина“, додека Црвенковски пред 13 години истакна дека „името на мојата земја е и ќе биде Република Македонија“.
Овие „патриотски бисери“ на поранешниот премиер и претседател на РС Македонија и неговиот политички пулен не треба да нѐ зачудуваат. Лагите и популизмот отсекогаш наоѓале погодно тло во настапите на високите државни функционери на Балканот.
Во однос на најсвежиот пример со изјавата на премиерот Ковачевски, реакциите на бугарските државници треба да се слушнат не само во Софија, но и во Брисел. Таму треба да се води битката, бидејќи ако за Софија, отворените прашања со Скопје се само еден од проблемите со кои треба да се справи, за Скопје проблемот со Софија е прашање на опстанок. Токму поради таа причина сите политички чинители во РС Македонија или заглушувачки молчат или пак се натпреваруваат во врескањето против Бугарија и нејзиното залагање за решавање на проблемот со човековите права на Бугарите во земјата, историјата, бугарското културно-историско наследство и отворањето на досијета на УДБА.
Сите политички чинители! Токму овој пример треба да биде следен и од политичката елита во Бугарија. Сите, без исклучок. Сите без разлика на нивната политичка идеологија, оти проблемите на Бугарите во РС Македонија, Западните покраини и насекаде каде што тие живеат, не можат да бидат тема само на одредени партии и определени политичари. Во РС Македонија нема никаква поделба во тој однос. Сите заедно работат против Бугарите и сите заедно се грижат „добрите“ Бугари, лојални и во добри односи со сите антибугарски гарнитури овде да бидат наградени за својата лојалност.
Тоа е реалноста.
Сите знаеме што се случува со Бугарите, кои не молчат, кои ги бараат своите права и кои замислете ја имаат наглоста да бидат Бугари, а да се родени на територијата на РС Македонија. Само треба да се потсетиме на претепувањето на Драги Каров во полициски подрум по атентатот врз претседателот на тогашна Република Македонија Киро Глигоров, на премрежјата и тортурата на кои биле подложени Јове Стојановски-Рибарот и членовите на неговото семејство, на тажната приказна со главен лик Спаска Митрова. Сѐ сеќавате ли на Спаска? Таа се разболе од рак и почина.
Примерите од последните месеци се јасни. Претепан е Христијан Пендиков, а по обвинителства се шетани двајцата претседатели на бугарските клубови „Иван Михајлов“ од Битола и „Цар Борис Трети“ од Охрид- Љупчо Ѓоргиевски и Томе Блажевски. Медиумското черечење на овие луѓе им доаѓа како гратис и како предупредување за останатите државјани на РСМ- еве што ќе ви се случи, ако јавно кажете дека сте Бугари или пак се појавите на одбележување на Мара Бунева, каков што беше случајот со група млади момчиња, кои станаа објект на смртни закани во социјалните мрежи и никој не одговараше за тоа.
Како што никој не одговараше и за нападите врз бугарските клубови…
Да се вратиме на Ковачевски. Тој просто ја користи војната во Украина за да ја претстави РС Македонија како жртва на Бугарија. Има простор за тоа и за жал Бугарија има одредена вина за истиот. Ако Бугарија застанеше цврсто зад Украина и во бугарското општество не постоеше дебатата дали да се даде оружје на Украина или не, изјавите на Ковачевски ќе предизвикаа смеа и ништо повеќе. Тие изјави немаше воопшто да се случат, бидејќи не треба да ги потценуваме капацитетите на државната машинерија овде, посебно кога се работи за Бугарија. Се работи за јасно зацртана политика стара повеќе од 100 години.
Каков треба да биде одговорот на Бугарија?
Цврсто застанување позади Украина во нејзината борба против „империјата на злото“ на Путин, бидејќи не само моментниот интерес, туку и моралот го бара тоа. Активна политика во Брисел од страна на бугарските државни функционери и најважното обединување на сите политички чинители во однос на проблемите со РС Македонија. Без изјави од типот „ова не е наш проблем, со ова се занимава овој или оној“. Правата, животот на Бугарите во соседството на Бугарија не треба и не може да бидат тема само на одредени политичари. Тоа покажува слабост.
Само да се потсетиме што се случи во РС Македонија откако целиот државен врв се појави на официјалното отворање на просториите на КЦ „Иван Михајлов“ во Битола. Политичката елита овде испадна во паника и таа паника го создаде еден од крунските докази дека во РС Македонија има институционална дискриминација врз Бугарите. Се најдоа 84 пратеници да изгласат закон со ретроактивно дејство, насочен против Бугарите, но сѐ уште не можат да се најдат 80 пратеници за да се изгласаат уставните измени. Токму тој услов, кој е задолжителен, за почеток на суштинските преговори на РС Македонија со ЕУ, е „ветото“ што политичката елита во земјата си го става сама, заради својот личен комодитет, а за да се оправда пред јавноста ѝ е најлесно да ја спореди Бугарија со Русија и да ги користи македонските Бугари како доцна разбудени платеници, кои заради лични меркантилни интереси креваат паника, во инаку „функционалното модерно мултиетничко општество каде што се почитуваат сите права“, како што вели Ковачевски.
За да биде иронијата уште поголема во март минатата година амбасадорот на ЕУ во РС Македонија Дејвид Гир јавно ги повика политичарите во земјата да не прават споредби меѓу Бугарија и Русија бидејќи истите не одговараат на вистината. Но на кого ли од политичката гарнитура овде му е гајле за тоа што го зборува Гир. Власта и опозицијата во земјата се зафатени со друго. Имаат една топка во рацете и ја тупкаат во место. Надевајќи се на чудо, а зошто да не и на уште едно „вето“ од Бугарија. Тогаш пак ќе почнат да се прават на Украинци. За да не дојде до ова, рецептот е јасен. Сите бугарски политичари и државни функционери, а не само Радев, Јотова, Ковачев, Белобрадова, Захариева, Џамбаски, Генчовска, Милков, Кондов, треба да бидат подготвени за достоен одговор. Одговор, што не само ќе ги направи смешни недоветните споредби на Бугарија со Русија од страна на политичарите овде, туку и ќе го избрише срамот од акуширањето на Бугарија во создавањето и наметнувањето на српско-рускиот проект наречен македонизам. Бугарската политичка елита им го должи тоа на починатите Панде Ефтимов, Миле Јовановски, Јове Рибарот, Миле Неделковски, Саво Коцарев, Петре Нанче, Андреј Корунов, Спаска Mитрова, но и на сите оние, кои уште се живи и упорно откажуваат да прифатат дека се нешто поразлично од Бугари.
