СИТЕ ПРАШАЊА ЗАСЛУЖУВААТ ОДГОВОР
„ Македонија е сложена равенка на Балканскиот полуостров“. Оваа култна изјава на првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров, луцидно во неколку зборови ја објаснува целокупната модерна историја на Македонија и македонскиот народ. Политичките констелации на Балканскиот полуостров, во доцниот 19 –век, испреплетеноста на интересите на Големите сили за новата распределба на сферите на влијание, ја ставаат етногеографската територија на Македонија во еден вител на неизвесноста. Онаа другата , митологизирана на револуционерот Дамјан Груев „ подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“, ја отсликува пак, неиздржливата, мачна и тешка состојба во која се наоѓало населението од Македонија во предилинденскиот период. Ужасниот крај, пак претпочитан од Даме Груев, се случил на зелената маса во Букурешт 1913, кога етногеографското ткиво на Македонија беше распарчено. Една друга максима на еден друг апостол на македонското револуционерно движење „ Јас го разбирам светот, единствено како поле за културно натпреварување меѓу народите“,, денес треба да биде звезда водилка на македонските граѓани, кои живеат во мечтата на своите предци-независна, слободна, суверена Република Македонија.
Нужноста од интеграции
Денеска, никој не е среќен со потпишаниот договор во Нивици, Мала Преспа, со кој се реши ирационалниот, апсурден и наметнат спор помеѓу Република Македонија и Грција, со кој се откочуваат европските и евроатланските интеграции на нашата земја. Никој не го оправдува грчкото поведение, со кое на еден суверен народ му се наметнува како да се себеименува. За жал од Пелопонеските војни, до наши дни, суровото правило во меѓународниот хаотичен свет на меѓусебни односи функционира принципот на „ Силните го прават тоа што сакаат, слабите тоа што мораат“. Членството на Македонија во НАТО, не претставува потреба за гарантирање на безбедноста на Републиката од евентуален напад од некоја соседна земја. Впрочем, Грција, Албанија и Бугарија се полноправни членки на алијансата. Членството, треба да биде гарантот за територијалниот интегритет, целокупност и унитарност на земјата. Во брдовитиот Балкан, во кој се уште постојат на зелена маса опциите за прераспределба на територии врз база на етнички принцип, во виорот на косовскиот „бунар“, или темпираната бомба наречена Босна и Херцеговина, Македонија може многу да настрада. Кога Западната алијанса, го заокружува својот интерес со интеграција на малите земји од Западен Балкан, недржавнички, девастирачки и деструктивно е по иднината на земјата, а со тоа и по нејзините граѓани , да работите на спречување на интеграцијата на Македонија во најголемите воено-безбедносни и политичко-економски сојузи.
Македонија на историски крстопат
Тоа што нашата политичка и интелектуална елита, сиве овие години го премолчува, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас ни го кажа без дипломатски ракавици: „ Договорот со нашиот северен сосед, значи отфрлање на српската хегемонија врз таа земја“. Која е таа српска хегемонија? Па таа, која без прекин во континуитет постои повеќе од 100 години, врз ова мало парче балканска земја, порано познато како Вардарска Македонија/ јужна Бановина, денеска Република Македонија. Од кралството Србија, преку кралството на Србите Хрватите и Словенците, па преку СФР Југославија, и денес 27 години во независна држава, „подземниот Белград“, управуваше со судбината на населението, преку свои инсталации во државната управа, во интелектуалната елита, во бизнис секторот, академската фела и многу други сфери. Македонија како никогаш досега, ја има возможноста да се ослободи од тој темен историски баласт, и да се уреди како развиена, демократска и просперитетна држава во најмоќните сојузи во светот.
Време за одлука
Секој народ треба да ја земе судбината во свои раце, и да одлучи за неа. Палестинците во 1948 година ја пропуштија можноста за создавање на независна палестинска држава, и 70 години подоцна гледаме дека се уште не може да ја добијат. Македонскиот народ, мора да учи од сопствените грешки и грешките на другите страдални народи, за да може да донесе мудра, историски исправна и државничка одлука, ако не сака и понатаму да ја живее голготата од максимата „ подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“. Крајно време е да го прекинеме ужасов без крај, и да запливаме во едни поубави меѓународни води.
Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки
