Солун- надградената историја и архитектура
Пишува: Владимир Перев
Солун е бисерот на Егејот, велеше мојот професор по историја д-р Никола Сотировски. Целата македонска земја е навалена кон Солун, македонските реки, пирински па и бугарски, течат кон Егејот, а најголемата, Вардар-Аксиос, својот пат го завршува во Солун. Градот бил напаѓан, завладуван, ослободуван, па наново завладуван, како еден непрекинат животен циклус на опстојување на едно кораво и трпеливо население.
Кога го гледам солунското пристаниште, целиот залив, со насмевка се сеќавам на прочитаната мисла на големиот бугарски писател и хуморист Алеко Константинов, авторот на неодминливиот “Бај Гањо“: „Ја имам желбата само една година да бидам шеф на солунската митница (царина), па потоа мирно да си заминам во удобен пензиски живот“ (веројатно во Охрид!), напишал авторот во својот познат стил на самоиронија. До денешен ден, тоа е желбата на многумина, како грци, така и македонци, бугари и срби, да бидат во солунската царина.
Мојот престој во Солун не почна најсреќно. Прво залутав барајќи го бугарскиот конзулат за да завршам административни работи за мојот престој. На десет метри од конзулатот, прашувајќи едно момче и девојка на нивни дваесет и пет години, добив суров, брутален одговор: такво нешто не познаваме, нема. Ме погледнаа иронично и си заминаа, смеејќи се на мојата зачуденост. Ги гледав како ѝ честитаат за духовитоста! Ако им служи за утеха на бугарите, да им кажам дека утредента го барав “македонскиот конзулат“. Одговорот беше дека нема ништо македонско во Салоника, овде “сѐ е грцко“. Конечно, работите ги завршив со еден пријател од локалните грци.
Ако некого Солун го потсетува на нашето херојско минато, на асоцијациите на ТМОРО/ВМОРО, на основачите на организацијата, на Гоце Делчев, Груев, д-р Татарчев и другите, посебно ако некој размислува за некаков “конгрес во Солун“, овде ќе остане разочаран. Нема такво нешто, нема меморија за такви настани, а не дај Боже за таква иднина на градот. Градот е навистина само грчки, со силно византиско наследство во архитектурата и во менталитетот, а потоа следува и турското наследство, но без присутност на турска заедница.
Од старата македоно-бугарска заедница нема останато никој. Трагедијата на Втората балканска војна и загубената Прва светска војна, до корен го исчистиле македонобугарското население. Познати се насилијата од тоа време, палежите и убиствата низ регионот, како и трагедијата на последните бугари/македонци, заточени на остров Трикери. Таму некаде го губи животот и бугарскиот солунски владика Евлоги Георгиев, потомок на големото семејство Светиеви од Битола. Тоа е и крајот на една епоха на подем и успеси на макадонобугарската општност во регионот на Егејот.
Денес во Солун живеат и македонци, а повеќе бугари, кои историјата ги разделила, некои од нив имаат и корени од солунско, но никој од нив не може да каже дека е вистински солунчанец. Сепак, најчесто се работи за мешани бракови меѓу бугарки и грци, а ги има и македонки со грци и обратно. Да се надеваме дека таа “дипломатија на спалната соба“, ќе придонесе до намалување на видливата затегнатост на односите меѓу трите држави! Присутна е и голема бугарска работна емиграција, но има и обратен проток, некои грци преферираат да работат во Бугарија, каде во некои занимања, примањата се по високи.
Македонобугарската заедница во Солун своевремено направила напори да создаде своја црква, градбата била почната, но воените неуспеси на Бугарија и промената на населението и териториите, таа црква ја оставиле во наследство на Вселенската патријаршија. Црквата требало да се вика “Св. Георги“, но патријаршистите ја прекрстиле во “Св. Јован Златоуст“. За време на Втората светска војна, бугарската воена команда во Солун и Бугарскиот културен клуб, успеваат да ја одземат црквата од Вселенската патријаршија и пак да ја крстат “Св. Георги“, каде и се одржаувале богослужби за време на војната. По војната и конечното раселување на “славофоните“ од Солунско, црквата пак е вратена на Вселенската патријаршија и пак го носи името на Јован Златоуст.

Денес, поточно во 2019 година Вселенската патријаршија им има дадено црква на новодојдените бугари, “Св. Николај Сирак“ и во неа треба да има служба еднаш месечно.
Кај нас, па и во Бугарија, малку се знае за Солунскиот бугарски клуб. Формиран е на 1 мај 1941 година, со силата на германското оружје и притисокот на бугарската политика. БКК тогаш бил сместен во зградата на српската стопанска комора во Солун, за по завршувањето на војната, денес да е таму пак српскиот конзулат во Солун. Формиран е од бугари/македонци најмногу од Солунската област, а целта му била да го заштити македонското/бугарското население од силата на грчката администрација и андартските своеволија. Имал и значителна ролја во социјалната и образовна поткрепа на населението во солунско. Дејноста на Клубот престанува на 3 септември 1944 година, кога од Солун си заминуваат бугарските офицери, а со нив заминува и група од 600 души македонци/бугари во правец кон Софија. Остануваат само некои од членовите на воената организација “Охрана“ за да го заштитат населението во Солунско и Костурско од андартските насилија, а командата ја има офицерот Андон Калчев. По падот на Германија, Калчев е уапсен во Битола, спроведен во Солун, суден и стрелан во 1948 година. Тоа е последниот чин, последната воздишка на “славофоните“ за заштита на сопствениот идентитет и култура. Интересно е да се напомене дека Солунскиот клуб и истиот Калчев, интервенирале кај германските власти да бидат ослободени македонците-комунисти од затворот Акронвпалија на Пелопонез. Како иронија на судбината, треба да се каже дека ,по нивното ослободување, сите тие се приклучиле кон ДАГ и станале непријатели со истиот Калчев, чија смрт ја организирале и одобриле.

Солунската бугарска машка гимназија е најпознатото училиште на македонците/бугарите од 1880 година, па се до трагичната 1913 година, кога е затворена и потоа уништена. Таму предавале Кузман Шапкарев, Трајко Китанчев и Григор Прличев, а воспитаници на гимназијата биле Ванчо Михајлов, Борис Сарафов, Гоце Делчев, Даме Груев, Владимир Куситасев и ред други револуционери. Гимназијата, пансионот и другите објекти се однесени во виорот на војните, за денес на улицата “Олимпу“ бр. 99, да има само спомен плоча. Спомен-плочата е поставена на 5 март 2014 година од страна на градоначалникот на Солун Јанис Бутарис и бугарскиот министер за култура во тој период, Петар Стојанович. Неофицијално се слуша дека некои грчки политичари не биле согласни со поставувањето на плочата, но Бутарис бил упорен, тврдејќи дека таа плоча е културно и туристичко добро на градот Солун и треба да биде поставена…потоа, по втор пат ги добил изборите за градоначалник на Солун. Натписот на плочата е само на грчки јазик. Треба да се знае дека грчката држава признава само муслиманско малцинство, а другите се “славофони“, односно славјанојазични грци. Не се признава ниту бугарско ниту македонско малцинство, па барем тука со бугарите сме рамноправни. Сепак, се уште има население, што го познава и делумно го говори “славофонскиот“ јазик!

Импресивен е кампусот на Аристотеловиот универзитет во Солун, високообразовна институција каде има студенти од целиот свет, па и од кај нас. Неговата локација и градба исто така побудува особен интерес. За време на Втората светска војна, германците депортираат 80 илјади евреи од Солун и солунско, а воедно со тоа и целосно ги уништуваат еврејските гобишта во градот, каде имало околу 300 илјади гробови, кои опстојале тука уште од турско време. Германците ги извадиле надгробните плочи и ги поставиле на патиштата за нивно зацврстување, за сето тоа да биде препокриено со чакал и веројатно асфалт или бетон. Никој не знае каде се денас. Местото е расчистено и испразнето од сите артефакти, за подоцна тука да се построи Аристотеловиот универзитет. Еврејските организации тоа го знаат, побарале и надомест, ама работата завршила неславно…останува само музејот на Холокаустот во Скопје.


Македонците/бугарите немаат со што да се пофалат во Солун. Освен оној дел од револуционерната елита кои се образувале овде, огромниот дел на нашето население биле земјоделци, занаетчии и по некој малки по богат трговец. Не живееле во елитните места крај морето, туку високо горе во Стариот град, во мали, чисти и не баш многу угледни куќарки. Некои остатоци може да се видат и денес, но ако е за утеха, од нивната населба има прекрасна панорама на Солунскиот залив.

Интересна е и ситуацијата со црквата “Св. Кирил и Методиј“ во Солун. Во дворот на црквата има паметник-двострана плоча на светите браќа со испишана кирилицата на страните на плочата. Овде не се споменува глаголицата, но не се споменуваат ни учениците на светите браќа, познати како Седмочислениците. Интересното е дека црквата дозволила Република Словачка да постави свој паметник со бистите на Кирил и Методиј, но со текст за имињата напишан на грчки јазик. Пред црквата може да се види и словачкото знаме, заедно со грчкото. Бугарски или македонски обележја нема никаде.

Денес во Грција не може да се говори за некакво македонобугарско историско, религиозно или културно наследство. Сето тое се подведува под грчата култура и цивилизација. Тоа си личи нешто и на нашата македонистичките политики во културата и архитектурата. Дали и кога ќе доживееме, еден дел од македонската научна и политичка фела да напише проглас за плочата на цар Самуил да се изнесе на виделината на денот, во музејот во Битола, каде што сега е зафрлена во некои споредни простории…зошто тогаш се жалиме на грците, зошто ја бараме вината кај другите. Во Националниот музеј во Софија сите артефакти изнесени од Македонија за време на војните, се наоѓаат на видно место, со соодветен точен напис, па никој до сега не ја оспорил нивната автентичност. Дали некој знае дека коските на цар Самуил се во Византискиот музеј во Солун и зошто никој од Македонија или Бугарија не ги бара, да ја видат светлината на денот.
Македонските институции во Солун работат со реалната кондиција на условите и времето во кое се наоѓаат.
Друга е ситуацијата со бугарскиот конзулат во Солун. Имаат велелепна зграда на елитно место, на вториот ред од морето на булеварот “Александар Велики“. Покрај огромните здолженија за конзуларните работи за големиот број на бугарски семејства во регионот, имаат и неделни училишта за новодојдените бугари во Солун, Катерини, Кавала, Драма, Комутини, Ксанти, Неа Перамос, Александрополис, Орестијада и Дикеја.
Солун ја надградува својата култура и историја со елински призвук и преднамерена заборавеност кон оние кои не се грци по род. Тоа е и разбирливо, ако се знае дека денес градот е чисто грчки. Затоа се и напорите на дипломатите од двете (или и трите) страни да се одминат непријатните моменти од историјата и да се градат коректни современи политички односи. Да, постои надградена историја, постои и преднамераена заборавеност, ама ако тоа е во служба на просперитетот и добрите односи, нужно е да се прифати…ама, да се знае за минатото!
Како што рече нашиот професор Сотировски, реките ни течат кон Егејот и треба да се сообразиме со нужностите на иднината!

