СОЛО КОНЦЕРТ СО ДРИЛОН ЧОЧАЈ ВО „СВЕТА СОФИЈА“
Меѓународниот фестивал „Охридско лето“ продолжува вечерва со соло концерт на косовскиот гитарист Дрилон Чочај. Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“во стандардниот термин од 21 часот. На програмата се дела на Јохан Себастијан Бах, Фернандо Сор, Абел Карлеваро и Мануел Понсе …
Дрилон Чочај завршил музичко училиште во Призрен, а во 2004 година ги запишува своите додипломски студии на Академијата за уметност во Приштина, во класата на познатиот професор Џевдет Сахатџија, под чие менторство ги завршува и постдипломските студии.
Во својата биографија Чочај запишува победа на Интернационалниот натпревар за млади музичари „Арс Косово“ во Приштина, бројни солистички и камерни концерти во Косово, но и во Албанија, Шведска, Црна Гора, Германија, потоа учество на повеќе фестивали, како „Звуците на гитарата“ во Тирана, „Дам Фест“ и „Ре Музика“ во Приштина, познатиот фестивал „Шопен“ во Полска, Летниот фестивал во Улцињ и др.
Дрилон Чочај во моментов работи како асистент на Факултетот за уметност во Приштина, професор во музичкото училиште „Пренк Јакова“ исто така во Приштина, и во музичкото училиште „ Misbah & Friends“. Неговите студенти и ученици многупати се наградувани на интернационални натпревари. Значајни се и неговите мајсторски курсеви кои ги одржува во Косово, Албанија и Шведска.

