Европратениците од ГЕРБ-СДС бараат силна реакција од европските лидери по нападите врз бугарски граѓани во Скопје
Остра реакција од челниците на европските институции побараа европратениците од ГЕРБ-СДС по претепувањето на бугарски граѓани во Скопје пред фудбалскиот натпревар меѓу „Левски“ и „Шкупи“. Во отвореното писмо упатено до претседателката на ЕП Роберта Мецола, ЕК Урсула Хон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи и претседателите на парламентарните комисии во ЕП, европратениците ги изнесоа фактите околу случајот во Скопје, нагласувајќи дека станува збор за сериозни прекршувања на човековите права предизвикани од омраза и го осудуваат агресивниот однос кон Бугарите, соопшти ГЕРБ.
Европратениците сметаат дека ваквиот однос не е резултат на фудбалски емоции и страсти, кои не се исклучок за време на спортски натпревари, а главна причина за агресијата е постојаното наметнување непријателски однос кон Бугарија од страна на политичарите во Република Северна Македонија, од медиумите и од академските средини таму. Сметаме дека политиката на омраза кон Бугарија, која долги години ја водат политичарите во Република Северна Македонија, веќе погоди многу граѓани“, се вели во писмото. Текстот потсетува на големиот број напади врз бугарски културни клубови во Северна Македонија, напади врз граѓани со бугарска самосвест, одбивање да се дозволи бугарска делегација – вклучувајќи го и д-р Андреј Ковачев – да влезе во земјата.
„Со голема загриженост, го обрнуваме вашето внимание на фактот дека јазикот на омраза карактеристичен за Република Северна Македонија, кој се најде во извештаите на Европската комисија и во резолуциите на Европскиот парламент, веќе се претвори во дела родени од омраза против Бугарија и Бугарите“, пишуваат европратениците и додаваат: „Овој негативен однос кон европска Бугарија и дискриминацијата на македонските Бугари во Република Северна Македонија се издигнати на ниво на државна идеологија, која ги повторува сите негативни и неприфатливи практики, познати од историјата од времето на комунистичкиот режим во Социјалистичка Федеративна Република Југославија“.
Инцидентот од пред неколку дена ја покажува ескалацијата на антибугарската политика, која долги години ја водат политичарите во Република Северна Македонија и која веќе зафати голем дел од граѓаните.
„Јазикот на омраза кон европска Бугарија и Бугарите, како и агресијата предизвикана од омраза не се европски вредности“, потсетуваат европратениците Андреј Ковачев, Андреј Новаков, Ева Мајдел, Асим Адемов, Емил Радев и Александар Јорданов.

