| |

ЗАРОБЕНИ И СЛОБОДНИ КАНДИДАТИ ЗА ЛИСТИ

Партиите сега се во фаза на изготвување на изборните листи, наводно се одбираат „најквалитетните“ кадри, се „анкетира членството“, итн. Повторно ни се прави истата фарса од раководствата на партиите и за овие избори, со цврста верба дека ние граѓаните сме прости и дека истата финта, проверена низ годините, пак ќе им помине.


Всушност, Вистината е дека не се работи за никаков избор на најквалитетните кадри за изборните листи, ниту за некакво анкетирање на членството, туку лидерите на партиите бираат очајни послушници кои се спремни, за одреден личен бенефит и статусна корист, да ги жртвуваат личното достоинство, својот разум и душа, и да бидат слепи следбеници на лидерот на партијата, за одреден период. Во партиите цело време нешто се глуми и се прават филмови, но голата вистина и реалноста секогаш се отвораат при правењето на изборните листи пред изборите, и тука се јасно се гледа – кој е кој и што е што. Пред и по тоа – се е глума и лага.


Дури и професорката по право Каракамишева, клиентелистичкиот апологет на ДПМНЕ, на фејсбук ќе напише дека слуша дека сега во ДПМНЕ е општа тепачка за тоа кој да биде на листата за пратеници, и тоа на што повисоко место, и дека за тоа има корнење за коси, оговарања, пцуења, подметнувања, лажења, гребење кај лидерот, измислувања афери и што уште не. Искрена изјава, секоја чест, само зошто ли толку се тепаат токму околу лидерот, и што толку имаат корист ако се што повисоко на пратеничките листи? Вистината е толку директна и едноставна, како и луѓето во оваа тепачка, само кој сака да ја види.


Јавна тајна е дека во Македонија денес е најтешко да се дојде до работно место во јавната администрација, и кој успеал во тоа – успеал во животот да обезбеди сигурна иднина, редовна и добра плата, како и членство во братството каде секој секого штити од контрола и од преголем напор во работата. За оваа цел луѓето се спремни да платат на кого треба и колку треба, па дури и самите тоа го нудат и го молат главниот да им ги прими парите – за што доживотно ќе му бидат благодарни и на услуга за се што треба! Помило од децата нема! А ако е вака за вработување во државна и јавна администрација, па како ли е за добитните места на пратеничките листи? Да станеш пратеник, со голема плата, плус превоз, бенефиции, комисии, мито од бизнисмени, апанажа, па што сакаш повеќе за четири, а можеби и повеќе години? Треба само да бидеш што поблиску до лидерот, полојален и попослушен. Е тоа е Вистината зошто е тепачката за добитните места на изборните листи, а не Македонија, интересите и доброто на нас граѓаните, квалитетот на животот и спроведувањето на законите во државата.


А причината за целата оваа мизерна ситуација во државата е јасна и едноставна – затворените изборни листи, кои произведуваат понизно улизување и упикување на кандидатите за листите кај лидерот на партијата, да му гарантираат што поголема лојалност и верност за да ги стави на што повисоко и подобитно место на листите. И што можеме после ние граѓаните да очекуваме од таквиот кандидат и пратеник, да ни биде лојален нам, граѓаните, кои го изгласавме, и да се бори за нашите интереси? Па не го ставивме ние на добитното место на овие ЗАРОБЕНИ изборни листи, не ни ветил нам тој нешто па да не ни го исполнил тоа – му ветил на лидерот и со него си работи по договор, послушно до гроб!


Да ги погледнеме пратениците од досегашните пратенички состави во собранието, па и од минатиот, дали можеме да кажеме дека тоа беа најквалитетните луѓе во Македонија? Секако не. За тие што никако не заслужуваат да бидат пратеници – и да ги разбереме, се нафатиле да бидат послушници зошто самите не можат да се реализираат во ниедна друга област од животот, а имаат голема желба и потреба за статус, моќ, власт и пари, до што единствено можат да дојдат преку слепа и горда послушност на лидерот. Многу ми е жал за оние квалитетните луѓе, со идеали, кои со голема верба и надеж влегле во пратеничките клупи, привлекле многу гласови заради својот квалитет, и потоа биле сомелени од лидерскиот систем на затворени и ЗАРОБЕНИ изборни листи, биле максимално шиканирани од лидерите и камарилата околу нив, и имале два избори – или да ја скршат кичмата и да станат слепи послушници и извршители, или да ја напуштат позицијата и партијата, под разни оправдани, здравствени, лични и други изговори. Со будали нема разбирање, попаметниот попушта и си оди.


Ова значи дека воопшто и не бил важен квалитетот на кандидатите на листите за пратеници во овој систем на затворени и ЗАРОБЕНИ изборни листи. Каков и да е квалитетот на кандидатите, од најлош до најдобар – резултатот е ист: послушен, лојален и максимално контролиран пратеник, гласачка машина, или ќе биде сомелен како човек и исфрлен од системот како ѓубре. Ние со овој изборен систем со затворени изборни листи и не сме можеле да се надеваме на ништо подобро – отколку на сигурен и скратен пат кон пеколот! Истото и сега сѐ уште ни се случува, и можеме во живо да ја гледаме тепачката за пратенички места на листите, и очајната борба со улизување на лидерот, оцрнување, вадење афери и оговарања за конкурентот, валкана борба до коска. И што после да очекуваме од таквите пратеници?


Дали е сега малку појасно зошто во Македонија не се почитуваат и спроведуваат законите, барем не во високите политички кругови и од „нашите од власта“? Заради затворените и ЗАРОБЕНИ изборни листи, кои и во моментов „се составуваат“, и со кои се купуваат душите, совеста и здравиот разум на луѓето, а кои што не би требало да имаат цена. Е токму заради ова си одат младите, кои бараат здрава конкуренција и вреднување на квалитетот, кои не сакаат да си ја продаваат душата, совеста и разумот, и затоа ги мразат сегашните квази-политичари кои прават систем кој ги брка од дома, заради кои квази-политичари ја замразуваат и својата татковина и ги напуштаат родителите и родното огниште.


За ова да биде последен пат вакво нешто да ни се случува во државата – сега е вистинскиот момент за промена, и да гласаме за помалите партии кои нудат итно воведување на отворени и СЛОБОДНИ изборни листи, кои по изборите итно ќе го изменат изборниот закон. Со отворени и СЛОБОДНИ изборни листи ние граѓаните ќе решаваме кој ќе го добие добитното пратеничко место на изборите, и потоа пратениците ќе мораат да ни се отчитаат нам, на граѓаните, до каде се со исполнувањето на ветената изборна програма, а не на лидерите. Пратениците тогаш ќе може да останат луѓе, да ги сочуваат своите души, сосвест и разум и да ни служат гордо нам, на своите граѓани, а не на лидерите. И тогаш под дрво и под камен ќе се бараат квалитетните луѓе, кои ќе бидат вреднувани, почитувани и добро платени, па нема ни тие ни младите да се селат од државата, а и иселените ќе се вратат. Сегашното непочитување ги избрка квалитетните луѓе, а тогашното почитување ќе ги врати! Квалитетните луѓе сакаат слобода, почит, достоинство и квалитет, сакаат отворени и СЛОБОДНИ изборни листи, за здрава конкуренција.

Ако проблемот не е во квалитетот на кандидатите на изборните листи – туку во изборниот систем со затворени или отворени изборни листи, со ЗАРОБЕНИ или СЛОБОДНИ кандидати на изборните листи, тогаш не треба да дозволиме да не залажуваат со имиња и титули на кандидатите, со проценти на мажи и жени, со еднонационални и мултинационални листи и сл, сето тоа се приказни за изманипулирани луѓе. Во постојниот изборен систем со затворени листи: и луѓето со и без титули, и мажите и жените, и од нашите и од нивните – се СЛЕПИ И ГОРДИ ПОСЛУШНИЦИ НА ЛИДЕРОТ! Затоа главниот проблем на овие избори не е дали да гласаме за интелегенцијата, за мажите или жените, за нашите или нивните – главно е да гласаме дали сме за ЗАТВОРЕНИ И ЗАРОБЕНИ, ИЛИ ЗА ОТВОРЕНИ И СЛОБОДНИ изборни листи. До сега гласавме со затворени листи – и се виде до каде стигнавме. Мораме итно да го смениме изборниот систем, сега е одличен момент за тоа, и сите, и патриоти и интелегенција, и од двата пола и од сите националности, да гласаме за партиите кои нудат итни ОТВОРЕНИ И СЛОБОДНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ, за да добиеме СЛОБОДНИ КАНДИДАТИ И СЛОБОДНИ ПРАТЕНИЦИ, кои посветено и гордо цел мандат ќе ни служат нам, на граѓаните!

Автор: Елизабета Најдоска Величкова



Слични Објави