ВО ФИНСКАТА АРМИЈА СЕ ВОВЕДУВА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ВЕГЕТАРЈАНСКИ ДЕН
Во менито на припадниците на финските одбранбени сили ќе се зголеми бројот на вегетаријанските јадења, а еден ден неделно ќе биде потполно вегетаријански, изјави во вторникот шефот на логистичкиот центар на одбранбените сили Еја Пулки.
Од листата на вегетаријански јадења, рибата ќе биде исклучена, но ќе бидат дозволени млечни производи и пилешки јајца. Меѓу другото, ќе бидат понудени и компири, тестенини, соја и куорн (протеин од печурки). Забележано е дека во сите воени единици вегетарјанската и веганската храна одамна се подготвува за оние кои не јадат месо, а уделот на растителни производи во менито се зголемува во последниве години.
„Воведувањето на задолжителен вегетаријански ден не е поврзано со заштедата на пари, главната причина за воведување на растителната исхрана е влијанието кое производството на месо го има врз климатските промени” – се вели во извештајот.
Како што претходно беше објавено, армијата на Норвешка од 2013 година има воведено еден ден во неделата кој е целосно вегетаријански. Како причина за ова, секретарот за печат на норвешките вооружени сили Ајстеин Краврик тогаш ја посочи заштитата на планетата од климатските промени и глобалното затоплување, а воедно и одржувањето на здрав начин на живот.

