Петар Стојанович: Демократијата е слобода, но и одговорност
Историчарот, новинар и политичар од Бугарија Петар Стојанович во етерот на програмата „Нашиот ден“ на Бугарското национално радио ги сподели своите размислувања за 15 септември Меѓународниот ден на демократијата.
Тој ја истакна важноста од разбирање на суштината на демократијата, не само како апстрактен принцип, туку и како лично учество и одговорност. Според него, слободата и одговорноста се две неразделни страни на демократијата и оваа рамнотежа е суштинска за нејзиното функционирање.
Стојановиќ посочи дека демократијата не може да се поддржува само теоретски, туку во неа мора активно да се учествува. Потребно е почитување на законитоста и вредностите и нивно разбирање како внатрешна неопходност. Ова активно учество и свест се од суштинско значење за здравото функционирање на демократските општества.
„Ние ја сакаме демократијата без да знаеме што точно значи. Секогаш сме за неа и против корупцијата кога не учествуваме во неа. Пред се, особено во XXI век, демократијата е разбирање, разбирање дека без законитост и без вредности , ништо не може да се постигне“, посочува тој.
Во однос на развојот на демократијата, Стојановиќ го истакна фактот дека таа еволуирала низ вековите, со различни контекстуални сфаќања за неа. Од античката агора до современиот свет, демократијата претрпела многу модификации и толкувања, но останува синоним за слобода и одговорност.
Стојановиќ нагласи и дека демократијата не е секаде совршена и често се соочува со критики. Во различни региони во светот, демократските институции можат да бидат „несовршени, формални или дури и искривени“. Ова ја налага потребата од постојано подобрување и поддршка на демократскиот процес.
Како заклучок, Меѓународниот ден на демократијата нѐ потсетува на важноста на демократијата како начин на владеење засновано на слободата и одговорноста. Овој ден поттикнува размислување и дијалог за тоа како да се поддржат и зајакнат демократските вредности во светот, стремејќи се кон поправедно и послободно општество.
