Деца од Банско ќе учат во Заемно училиште, создадено по моделот на бугарскиот преродбеник и просветител Неофит Рилски
Во Банско продолжуваат активностите по прославата на 230-годишнината од раѓањето на патријархот на новобугарското образование Неофит Рилски. Вчера во етнографскиот музеј „Велјанова Кашта“ со водосвет беше отворено Заемно училиште. Лентата на училиштето свечено ја пресекоа градоначалникот на општина Банско Стојчо Баненски и Светла Барјакова, директорка на Музејски комплекс-Банско.
Речиси два века откако Неофит Рилски го воведе современиот метод Бел-Ланкастер (именуван по британските едукатори Ендрју Бел и Џозеф Ланкастер), познат и како метод на заемно учење, во родниот град на првиот учител ќе функционира автентично заемно училиште.
Училиштето е направено според моделот со кој Неофит Рилски ги создал првите училишта во Габрово и Копривштица во 1835 година. Карактеристичен елемент за овој тип училишта се ѕидните табели. Тие се закачени на ѕидовите на училницата и група деца, наредени во полукруг, под водство на нивниот „покажувач“, читаат и заедно ја учат лекцијата од таблата закачена пред нив. Материјалот е поделен на делови кои претставуваат вежби со различна сложеност и лекции.
Во училиштето во Банско, музејските работници обезбедија 68 ѕидни табели и оригинални наставни материјали од времето на Неофит Рилски. Сите класови од основното образование во општината ќе поминат низ Заемното училиште и таму ќе одржуваат специјални часови. Посетителите на училиштето ќе имаат можност да се пренесат во атмосферата на времето, во почетоците на секуларното образование во Бугарија.

