| |

ТРОЈЦА ЛЕКАРИ ИЗДАВАЛЕ ФАЛШ БОЛЕДУВАЊА НА ОБВИНЕТИ ОД СЈО

Инспекторатот по барање на специјалното јавно обвинителство, направил серија проверки и утврдил дека медицинската документација за боледување на обвинетите Гордана Јанкулоска, (обвинета во неколку предмети на СЈО), Ѓоко Поповски (обвинет во „Триста“ и „Тенк“) и Милан Андоновски (обвинет во „Насилство“) со кое ќе го оправдаат отсуството од судските рочишта, има бројни пропусти.

Од СЈО за „Макфакс“ само кратко ја потврдија информацијата и рекоа дека проверката на веродостојноста на боледувањата ја спровел инспекторатот по нивно барање. Изминатиот период инспекторатот испратил екипа во приватната здравствена установа и специјалистичката клиника од каде на обвинетиот Милан Андоновски му беше издадено боледување непосредно пред одржувањето на едно од судските рочишта за предметот „Насилство“.

Инспекторите ја одзеле комплетната медицинска документација за обвинетиот и ги предале до Лекарската комора и до Фондот за здравствено осигурување. Андоновски вадеше боледувања поради што беше одложено судењето за насилствата пред Општина Центар.

Лекарите кои го издале боледувањето не ги исполниле потребните прописи, а не биле направени соодветни лабораториски анализи. Обвинителката Фатиме Феати пред едно од рочиштата посочи дека боледувањата на обвинетиот Андоновски му биле издавани наменски непосредно пред судењата. СЈО се посомнева во оправданоста на отсуствата и побара судот на Андоновски да му определи притвор.

Од специјалното јавно обвинителство велат дека до основното јавно обвинителство ќе достават извештај кој ги содржи наодите на инспекторатот, а обвинителството ќе треба да одлучи дали има елементи за кривично дело „фалсификување службена исправа“, јавува Макфакс.



Слични Објави