| |

Сојузници и непријатели: за што и против кого

Facebook статус на Никица Корубин

“Непријателите на мојот сојузник се и мои непријатели, а пријателите на мојот сојузник се и мои пријатели” е главното мото на политичкото сојузништво во славната Пелопонеска војна, пред речиси 2.500 години, која Тукидид така прецизно ни’ ја опишува. Но, дали ова мото е оската на политичкото дејствување од тогаш па до денес, во секоја прилика на политичка или било која друга борба?

Иако, во многу упростена, сирова и површна форма, токму оваа порака се праќа се’ почесто во сојузите кои се формираат и наѕираат на нашата партиско/политичка сцена. Некои видливи, а некои невидливи. Но, она што со сигурност е невидливо и до неодамна грижливо чувано е “за што” се овие сојузи и “кој” е детектираниот непријател?

Ако, во македонскиот блок на партии релативно лесно, се дефинира кој е власт сега, а може да биде опозиција утре или обратно; ситуацијата во албанскиот блок е многу потешка. Токму таму, во изминативе неколку години, сите во даден момент, беа и власт и опозиција, но најважно беа и наизменично и по потреба и проценка, и со македонската власт, но и со македонската опозиција (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), зависно која позиција и каде (централно или локално) ја завземале во моментот. Тие флуктуации, особено во изминатите 2-3 години, драстично придонесоа за нивно “трошење”, токму од страна на македонските партии. Сите беа на двете страни.

Но, тоа нивно “трошење”, во смисла на кокетирање и коалицирање врз база на идеолошка недоследност и/или спас/загрозување на стратешката определба на државата; се поклопи случајно или не, и со “трошењето” на клучното време на Северна Македонија која во континуитет го губи од 2019 до сега, после клучните меѓународни договори; со самоблокирање на евроинтеграциите. Коинциденција или не, останува отворено прашање.

И ако ДУИ, го има(ше) и го има комодитетот на “власт” и формална, но и недвосмислена поддршка на евроинтеграциите; останатите албански партии, имаа варијабилна (централна) власт, но недвосмислена поддршка на евроинтеграциите. Од “македонска” позиција, и тоа декларирано и ефективно проевропска (СДСМ и коалицијата) идентичен “природен” партнер, во стратешкиот ЕУ интегративен процес. Но, во пракса не е така. Напротив. Тие станаа таргет, токму на СДСМ, во нивната “биполарна” борба со ВМРО-ДПМНЕ, но и во два конструирани и спонтани процеси: крстот на Попова шапка и влијанието на Албин Курти врз Албанците во Северна Македонија. И дали на тој начин се впуштија во Тукидитовото мото: “непријателите на мојот сојузник се и мои непријатели”?

Тоа се чини дека јасно го навестува сојузништвото за претстојните избори, кое помина трнлив пат за само 4 години (од “време е ДУИ да се реформира во опозиција”, до “ДУИ е единствениот подобен албански партнер”), ако добро се “читаат”, прилично транспарентите пораки на СДСМ. Или СДСМ говори “двотонално” опортуно за времето, или има две лица, како богот Јанус (едно за ЕУ, а друго за Отворен Балкан). Легитимно и логично од партиски (или мултивнатрепартиски) аспект, ама крајно нелогично од државен аспект на остварување на стратешките ЕУ интереси на државата, чиј предводник е токму власта. Затоа што “непријателот на сојузникот” во случајов е “пријател за ЕУ”. Кој факт, бара своевидна неутралност.

И ако се дефинираа “непријателите на сојузникот”, кои се тогаш неговите “пријатели”? Дали на пример “пријател” на двата сојузника е концептот на Отворен Балкан и двете земји членки, со моментално блокиран преговарачки процес во ЕУ, за разлика од Северна Македонија, која има отворен пат до ЕУ, скриен од јавноста? Како тогаш предизборниот блок е за ЕУ, кога се “дружи” со земји кои сигурно и забрзано се оддалечуваат од ЕУ? А, единствената земја која се приближува кон ЕУ, Косово, и особено косовскиот премиер Албин Курти, е анатемисан, метафорички и буквално, од световните и сакралните власти во Македонија?

На страна што, и за македонската опозиција се прифатливи дружбите со земјите од Отворен Балкан, особено онаа главната, која беше почестена со отворената предизборна поддршка на сестринска партија, која успеа да изведе флагрантен изборен инжињеринг. Значи за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е лоша и анти-европска, ама Србија под власт (и тоа автократска) е добар партнер во Отворен Балкан? И, ако ВМРО-ДПМНЕ е лоша и анти-европска, зошто албанската опозиција декларирано про-европска “се турка” кон ВМРО-ДПМНЕ (повторно крстот на Попова шапка и неизбирање на член во ДИК од редовите на опозицијата). Ако сака, сама нека оди. Далеку од логиката. Онаа на Тукидид.

Што не враќа на почетокот и на првото прашање: за што се сојузништвата и против кого? Односно, кој е “непријателот”? Затоа што вака разложено и дедуктивно, излезе дека “непријател” е само Албин Курти, лично и како политички и изворно европски концепт, поради кој “настрада” и цела албанска опозиција; а сојузници се сите кои се “за ЕУ”, ама на “хартија и по дома”? А, сумирано и индуктивно, сојузот е за европска Северна Македонија или партиска Северна Македонија, заробена внатре, заробена во Отворен Балкан, заробена во “српскиот свет”? Затоа што во европска Северна Македонија се оди со европски манири, европски партнери, и европски реформи. А, не со “чистење” на теренот за (квази)национализам. Кој постизбирно остава простор за секакви сојузи.

А, први на ред во европска Северна Македонија се уставните измени, кои сите “преку ноќ” ги заборавија. Времето е скапоцен ресурс, не само поради својата минливост, туку и поради можноста за поглед од дистанца. А, таа дистанца ќе биде битна за неколку месеци, по политичките потези кои се прават сега. И грешката која не може ниту еден параван да ја сокрие, на спротиставување, игнорирање и саботирање на уставните измени, ќе дојде на наплата. Ниту еден партиски, партократски или клановски сојуз, нема да дојде до 80 гласа сам, а ако нема уставни измени, нема ниту декларативност, а не па ефективност во ЕУ преговорите.

И затоа уставните измени никогаш и немале врска со изборите и исходот од нив. Уставните измени се обврска на државата, а не на партиите. И се’ што се прави, исправно или погрешно, има врска со државата и нејзината иднина. Сите се на тенок лед. Време има, толку колку што се способни да го искористат. Целта е една, не само затоа што е стратешка, туку затоа што сме изворно европска држава. И затоа што само во функционална демократија, можеме да опстанеме. А, целта ги определува сојузниците. Кој е вистински за ЕУ, а кој е вистински глумец за ЕУ. Затоа што реалноста секогаш, порано или подоцна, ја демантира секоја глума. Подобро порано, отколку подоцна. Додека не е предоцна.



Слични Објави