БУГАРИ-ТАТАРИ ИЛИ БУГАРИ-ТУРЦИ- ОДЛУЧЕТЕ СЕ

///

Пишува: Атанас Величков

Кога во интернет портал од клапата на Курир, Инфомакс, Коложег или Експрес ќе се појави некаква гротескна сторија со наслов „Кај Бугарите преовладува генот на театарскиот Хан Аспарух (ВИДЕО)“, никој нормален човек со просечна и малку над просечната интелигенција не би се зачудил. Сосема поинаку изгледаат работите кога таква глупост ќе се појави на интернет страницата на првиот дневен вестник „Нова Македонија“, чија трибуна стои многу повисоко од авгиевите штали на медиумите блиски до Белата палата (која што меѓу другото го срами името на големиот д-р Христо Татарчев).

Но бидна и тоа чудо. Сериозниот медиум „Нова Македонија“ си дозволи да објави бурлеска на која што би завидел дури режимскиот весник за хумор сатира и забава во живковистичка Бугарија- „Стършел“ (Стршлен).

„(Видео) Кај денешните Бугари преовладува турскиот ген“ и тоа не го кажуваат македонските светила на историската наука како Наташа Котлар или Тодор Чепреганов, туку една докторка по генетика и академик од Бугарската академија на науките (БАН). Значи нема лага, нема измама, а што е најважно, нема и говор на омраза…

Ок, се е во ред Бугарите се Турци…

Но, ако го погледнеме видеото ниту академикот од БАН Ангел Галабов, ниту докторката по генетика од Медицинскиот университет Десислава Нешева спомнуваат дека денешните Бугари се со турски или татарски гени.

Идејата на материјалот објавен во „Нова Македонија“ секако дека не е некој да седне и да „отепа“ половина час гледајќи и слушајќи како тројца Бугари, еден водител што за волја на вистината, навистина личи на дојденец од азиските рамнини, и двајца научници разговараат за потеклото на денешните Бугари. Идејата е Денот на победата или Денот на Европа да биде одбележан со нов напис, кој ќе ги убеди потомците на оние што биле на „вистинската“ страна дека ете, по 100-ти пат излегува доказ дека немаат ништо заедничко со Бугарите и дека тегнењето околу ликот и делото на Гоце е кауза пердута.



На прашањето дали таков таблоиден напис со моронски наслов, којшто нема никаква врска со видеото што се нуди како доказ треба да најде место на страниците на весникот „Нова Македонија“ треба да одговори главниот уредник на весникот. Тој е човекот што ја носи одлуката. Не е моја работа да солам памет.

Проблемот е што во случајот не се работи за колумна напишана од лик како фејсбук патриотот Сашо Тасевски или професорката Ванковска која еднаш се пожали дека Бугарите ја гушеле со своето внимание и љубов, туку за материјал под кој стои НМ. Материјал кој ја претставува Нова Македонија како медиум и материјал од којшто Нова Македонија не може да се огради. Но големи се не им се мешам. Само укажувам.

Авторот на написот дури го напишал името на гостинката во емисијата д-р Десислава Нешева- Едислева Неш, најверојатно за да звучи што е возможно потатарски, а пак „колегите“ од Експрес ја запишале Едислава Неш. Ваква непрофесионалност одамна немав видено во некој сериозен македонски медиум. Пак ќе речам овде не се работи за некаква емотивна повраќаница на некој партизански внук или внука, кој/која ете сака да напише колумна во која да се пожали оти му/ѝ тежи на душата дека Бугарите се фашисти и дека убивале и силувале кај што ќе стигнат во Македонија, вакви работи сме читале и порано, како што би рекол еден мој близок пријател сме ги јаделе тие вафли. Слободата на говор го трпи тоа. Професионализмот се разбира не трпи Едислева Неш…

Бесплатен совет кон авторот на писанието: Далиборе, брате или ти Јасминке сестро, (претпоставувам дека материјалот е излезен од нивните остри пера, ако грешам нека изгорам) следен пат кога понесени од вашите патриотски чувства ќе посакате да им плеснете на Бугарите во фаца дека се татари или по ново Турци, барем изгледајте го видеото што го нудите како несоборлив доказ, а ако имате проблем со преводот, оти нели бугарскиот јазик е од алтајската група на јазици, повикајте пријател.

На 4 мај одбележавме 118 години од смртта на Гоце, ама вие и од него срам немате.

Претходна статија

ВЕНКО МАРКОВСКИ-ПАРАДИГМА НА РОПСТВОТО

Следна статија

ФОН ДЕР ЛАЈЕН: БЕЗ СОФИЈА РС МАКЕДОНИЈА НЕ МОЖЕ ДА ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

Најново од Истакнато