Одбележуваме 153 години од раѓањето на големиот револуционер и војвода Дамјан Груев
На 19-ти јануари 1871 г. во битолското село Смилево е роден великанот ДАМЈАН JOВАНОВ ГРУЕВ – наречен „Волјата на Организацијата“, егзархиски учител, еден од основачите на ВМОРО, истакнат организатор и нејзин раководител. Потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школувал во родното место, а потоа во Бугарската машка гимназија во Солун. Од 1891-1893 г. бил учител во с. Смилево и во Прилеп. Од летото 1894 г. почнал да ги формира првите револуционерни комитети на организацијата во повеќе градови и села во Македонија. Бил Бугарски учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и наставник во Бугарската класична гимназија во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ. Во август 1900 г. бил уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 г. бил заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Бил претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 – 7 мај 1903 г., на кој бил избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествувал. По неуспехот на востанието ја продолжил својата револуционерна дејност. Во 1904 г. претседавал на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време бил и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 г. На пат за подготвителното советување за конгресот во Софија, на 23-ти декември 1906 г. е убиен во битка со турскиот аскер, во близина на малешевското село Русиново.
“Зарем сме ние Срби?! Ние, со кои овде секогаш се постапувало како со Бугари, ние кои и од овдешните мали деца сме нарекувани БУГАРИ?!… Ние само можеме да се восхитуваме на таквата дрскост на оние, кои нас не’ нарекуваат СРБИ, кога тие со тоа не прават ништо друго, туку го нарануваат срцето, како на нас, така и на секој родољубец од Македонија… Крвта не е вода, вели српската народна поговорка… и нека секој Србин да знае, дека како што секој Србин со радост би ја дал главата, отколку да го промени своето славно име – Србин, тако исто и секој Бугарин бранејќи ја својата народност до последниот час од секој туѓ напад.“
“Една лажна гласина беше пуштена во Македонија околу и после Илинденското востание, дека врховните комитети во Софија сакале присоединување кон Бугарија, а ВМОРО сака автономија. По тој повод во јуни 1906 г. јас бев во Софија и си отидов за разјаснување до Даме Груев, кој ми одговори следното:
„Ние сме Бугари и секогаш работиме и ќе работиме за обединувањето на Бугарштината. А сите други формули се етапа за постигање на таа цел. Не е доjден сепак моментот за решение на нашето прашање, затоа нема место за препирки и приказки од таков вид.“
