Габриел: ЕУ останува обединета и солидарна со Украина
Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел учествуваше на редовниот месечен состанок на Советот за надворешни работи во Брисел, јавува прес-центарот на МНР, пренесува БГНЕС. Министрите за надворешни работи на земјите членки разговараа за ситуацијата во Блискиот исток, руската агресија врз Украина и ситуацијата во регионот Сахел.
„Загрижени сме поради хуманитарната ситуација и ризикот од регионално ширење на конфликтот. Приоритет мора да биде пристапот до хуманитарна помош и заштитата на сите цивили. Бугарија поддржува решение со две држави. Важно е да се има договор кој гарантира безбедноста на двете страни“, коментира вицепремиерката.
Специјален гостин на состанокот на Советот за надворешни работи беше Јулија Навални, сопруга на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални.
„Во пресрет на втората годишнина од руската агресија врз Украина, денеска уште еднаш испративме порака за обединети напори и солидарност со Украина. Поддршката за Украина е стратешка инвестиција во безбедноста на регионот на Црното Море и Европа“, рече Марија Габриел. Вицепремиерката информираше и за претстојната априлска конференција за безбедност на црноморскиот регион што ќе се одржи во Софија.
За време на посетата на Брисел, Марија Габриел се сретна и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Вицепремиерката се заблагодари за поддршката за пристапување на Бугарија во Шенген. Двајцата разговараа и за теми како еврозоната, агендата на претстојниот Европски совет во март и европските избори.

