| | |

Бугарските пратеници изгласаа бугарското државјанство да се дава на свечена церемонија и да има можност за одземање на државјанството поради навреди кон Бугарија

Со 154 гласа „за“ и 22 „воздржани“ бугарските пратеници ги одобрија измените во Законот за бугарско државјанство на прво читање, јавува бугарскиот дневен весник Дневник. Измените се предложени од бугарската Влада и според истите се воведува обврска за оние кои бараат бугарско државјанство да го зборуваат бугарскиот јазик. Условот ќе важи за оние кои аплицираат за стекнување бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло, кои се и најголемата група од сите апликанти, како и за лицата чиј родител се стекнал со бугарско државјанство или починал како бугарски државјанин. Предвидено е овој услов да не важи за лицата кои се стекнуваат со бугарско државјанство врз основа на посвојување од бугарски државјанин.

Друг текст предвидува можност за одземање на бугарското државјанство во случаи на систематско и намерно оштетување на престижот на Бугарија, бугарските институции и националните интереси преку говор на омраза или кога се врши чин на омраза против бугарската држава, нејзините граѓани и/или бугарските заедници во странство. Се предлага Одборот за државјанство да го сослуша лицето за кое е поднесен предлог за одземање на натурализацијата, а целта е да се осигура дека одлуката за одземање на државјанството не е произволна.

Предлог-законот предвидува уверенијата за стекнување бугарско државјанство да се даваат на свечена церемонија, која ќе се одржи во Министерството за правда или во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Бугарија во странство.



Слични Објави