ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА- ГДУ ГО ПРОМОВИРАШЕ СВОЈОТ ЛОКАЛЕН КЛУБ ВО КУМАНОВО
Вчера, Граѓанско Демократската Унија го промовираше својот локален клуб во Куманово. На промоцијата во ресторанот „Беладона“ присуствуваа голем број членови и симпатизери на ГДУ од Куманово. Во своето излагање претседателот на локалниот клуб на партијата, Перица Спасовски, истакна дека Граѓанско Демократската Унија-ГДУ ќе биде блиску до граѓаните и ќе ги очекува нивните идеи за подобрување на состојбите на повеќе полиња во Куманово. Спасовски изрази убедување дека успешната работа на огранокот ќе се темели врз тесната соработка меѓу партиските активисти и граѓанската општественост, којашто ќе биде добредојдена да го искаже својот став за сите прашања што ги мачат кумановчани.
„За триумф на злото е потребно добрите луѓе да не преземат ништо “- изјави пред кумановчани претседателот на Граѓанско Демократската Унија, Петар Колев. Во своето обраќање претседателот на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ, Петар Колев, порача уште дека тешкотиите по патот за создавање на подобри услови за живот на граѓаните е еден од главните предизвици коишто стојат пред неговата партија. Колев им посака успех на локалните активисти на партијата и им порача да останат истрајни во завршувањето на сите задачи што стојат пред нив, за да можат да не ја изневерат довербата на граѓаните на Куманово.
Претседателот на локалниот клуб на ГДУ во Куманово, Перица Спасовски, е дипломиран правник и поранешен активист во невладиниот сектор. Потпретседателот Оливер Јосев е припадник на Армијата на Република Македонија. Настанот беше воден од кумановчанката и член на Управувачкиот Комитет на ГДУ, Фросина Китановска. Локалниот клуб во Куманово е третиот партиски огранок на Граѓанско Демократската унија. Во крајот на минатата година ГДУ ги промовираше своите локални клубови во Штип и Охрид.








