| |

Руски историчар ги вади од анонимност жртвите на Сталин

Благодарение на историчарот Анатолиј Разумов, 50 000 жртви на сталинизмот веќе не се анонимни. Разумов веќе 30 години работи упорно за да ги покаже имињата на оние кои биле егзекутирани во Ленинград, денешен Санкт Петербург, за време на режимот на Сталин.

“Не најдов логика во овие случувања, тие настани се нечовечки и необјасниви”, раскажува историчарот за АФП по години тежок труд – задача, која денес ја работи во време на „рамнодушност” кон темата.
Воскреснувањето на историската меморија во Русија продолжува да оди тешко и денес, повеќе од 80 години по расплетот на сталинистичкиот терор, во кој милиони луѓе биле егзекутирани, испратени во ГУЛАГ, депортирани на места со неподносливи услови за живот или умреле од глад.
Руските власти, на чело со Владимир Путин, се обидуваат да ги омаловажат најмрачните страници од минатото во името на националното единство.
Во 13-те тома на “Ленинградскиот мартиролог”, составени од 1987 година под раководство на Разумов, ги откриваме имињата, датумите на раѓање и смрт, информации за занимањето и адресите на луѓе од Ленинград, кои исчезнале како никогаш да не постоеле. Разумов дознал од нивните блиски дека ” жртвите се осудени без право на кореспонденција”, и тие не знаат што навистина се случило со нив.

“Ги почнав истражувањата во 1987 година, во ерата на перестројката, штом тоа стана возможно”, раскажува за АФП Анатолиј Разумов.

Син на советски офицер, чие семејство не е погодено од репресиите, Анатолиј Разумов сакал да им оддаде последна почит на луѓето егзекутирани за време на Големиот терор.
Кабинетот на овој 62-годишен маж се наоѓа во самиот центар на Санкт Петербург, во огромната зграда на националната библиотека. Работното место на Разумов е полно со книги и стотици папки со документи, откриени во архивите на сталинистичката политичка полиција НКВД.
Разумов покажува едно од досиејата: извештај од испрашувањето и судската одлука за Нина Дубровскаја, 28-годишна студентка од полско потекло. Таа е обвинета дека е полски шпиун,  и на 11 декември 1937 година е погубена.

“Периодот наречен Големиот терор, трае една и пол година, до есента на 1938 година егзекуциите биле масовни – убиства се случувале секоја ноќ. Без суд и пресуда. Обвинетите се јавувале пред “двојка” или “тројка” – еден или двајца претставници на НКВД и обвинител, кои ја изрекувале пресудата. Тоа било вистинска машина за наметнување на казни “, раскажува Разумов.

Според историчарот, Сталин и неговите најблиски соработници создале “план за ликвидација”, што ги однел во смрт 40 000 луѓе од Ленинград.
Разумов објаснува дека не добил посебна поддршка од страна на руската држава и зборува за “рамнодушност” кон сталинистичките егзекуции. Токму напротив, неговата работа била редовно попречувана од руските власти.
Теророт вршен од Сталин се споменува многу ретко од руската држава и многу од блиските на жртвите и до денес не знаат каде се погребани нивните роднини, и причините поради кои тие биле апсени и убивани.
“Ми се чини дека ова го работам за оние кои сакаат да ја дознаат вистината”, вели Разумов и предупредува: Ќе продолжам да истражувам и покрај сè “.

Слични Објави