| |

НЕШТО НЕ „ШТИМА“

Пред некој ден ги слушам информациите дадени од страна на високи функционери на СДСМ дека стопанството ни е во експанзија, дека просечната месечна плата била највисока во декември 2018 година, дека БДП ни пораснало, дека имало 26.000-28.000-30.000 нови отворени и потполнети работни места, дека невработеноста е на рекордно ниско ниво, под 20%.
Индикатори какви што нема ниту во Америка. Ние повторно биднавме репер за успешна економија која како феликс се крева. Дополнително ни стигнуваат странски инвестиции во износ над 650 милиони евра, како стимул на брзорастечката економија, која се заканува да избие на прво место по рангирање за раст и развој.
Меѓутоа дали ова одговара на реалноста? Дали ова сурова денешница во која ние живееме одговара на она што вледејачката парија ни го сервира како розева иднина за нашите деца? Каде е сиот тој развој, напредок, инвестирање, затоа што ние реално ниту го гледаме, ниту го чувствуваме на нашиот животен стандард.

Влезени странски инвестиции во толкав обем мораше да се почувствуваат, но нема ништо од тоа. Само се затвораат производствените погони, а само со вработувања во услужниот сектор не можеме далеку да догураме. Така да од превисоко поставените странски инвестиции нема ништо, како што нема ниту од нов влез на странски капитал, кој секојдневно се најавува, но никако да пристигне. Со години наназад ниту едно звучно име од странство, ниту една фирма бонитетна и високо развиена не влезе во Македонија да биде поттик за други инвеститори. Менуваме модели на привлекување на странски капитал, меѓутоа неуспешно и единствен резултат ни се непрофитабилно фрлените пари за т.н. експерти за ова дејност.

Новоотворени работни места во тој обем можеби има, но народот ниту видел, ниту чул. Отворени и потполнети од фамилиите на функционерите, без јавен оглас секако дека не се во полза на високообразованите кадри кои ги имаме. Како и до сега, нивните се најдобри, без конкуренција и така и се вработуваат, во четири очи. Секако има реципроцитет, па денес е мој човек, утре твој и така во недоглед. А нашите само се надоградуваат и добиваат сертификати за освојување на вселената. Но, сите тие дипломи ќе ги користат за правење кафе или продавање на тезги.

А невработеноста под 20%? Каква психолошка војна. Со другите или сами со себе? Па навистина немаме невработени, затоа што вештачки се бришат од списокот на невработени лица, поради задоцнето пријавување или немањето интерес воопшто да се пријават во Агенцијата за (не)вработување. Кој воопшто некогаш и добил вработување со повик од таму?

Најважно за сето ова е иселувањето на нашите. Секој ден наши роднини, пријатели, другари неповратно ни заминуваат во другите земји. Одат со цели фамилии и тие веќе никогаш нема да се вратат на своето. Нивните семејни огништа се гаснат овде, за да се оформат некаде далеку каде истите тие луѓе ќе бидат ценети. И не се тревожете. Ни одат „само“ најдобрите кадри и интелектуалци во кои нашето општество во некое минато време вложи за свој напредок, а сега ги дава гратис на други.

Затоа немаме невработени. Нашите невработени со дипломи од молекуларна биологија, нуклеарна физика или неврохирургија си одат од овде како невработени и непотребни, а веќе утре се еминентни експерти од таа област во западноевропските земји. Веднаш стануваат вработени. Трансформација веднаш откако ќе се помине нашата граница.

А за името? Никој веќе не ни мисли на фактот од каде му поаѓа автобусот-дали од Република Македонија или од Република Северна Македонија. И така и онака билетот е во една насока.
За ова треба да се размислите кога ќе се видиме на улица. А за денот на изборите не очекувајте веќе излезност на народот. Го нема народот.

Автор: Перица Спасовски, претседател на Граѓанско Демократска Униjа- Куманово



Слични Објави