(Видео) Ивајло В’лчев пред БГНЕС: Орбан лично нареди бугарските измени во извештајот на Вајц за Северна Македонија да бидат блокирани
Унгарските европратеници од Комисијата за надворешни работи (AFET) беа лично инструирани од Виктор Орбан да гласаат против нашите амандмани на извештајот на Томас Вајц за Северна Македонија. Со оваа постапка беше разбиен широко распространетиот мит во Бугарија дека Орбан ни е пријател.
Ова го изјави бугарскиот европратеник од групата на Европските конзервативци и реформисти (ЕКР) Ивајло В’лчев пред специјалниот пратеник на БГНЕС во Брисел, Димитар Русков.
Порано денес AFET гласаше „за“ извештајот на Вајц и тој ќе биде подложен на гласање во пленарната сала на Европскиот парламент (ЕП).
В’лчев изјави дека имал информации дека лично унгарскиот премиер Виктор Орбан им дал инструкции на своите европратеници да гласаат против бугарските амандмани на извештајот.
„Извештајот беше усвоен во форма во која беше поднесен од известувачот Томас Вајц. Петте бугарски амандмани беа одбиени, но најважно е што беше прекршен еден договор кој вклучуваше да се поднесе усмен предлог во салата со кој на спомнувањето на македонскиот идентитет и јазик ќе се додадеше зборот „современ“. Процедурата е таква што кога се работи за усмен амандман, доволно е одреден процент од членовите на комисијата да станат за да се блокира гласањето за таков амандман. „Патриоти за Европа“ гласаа против овој амандман. За нас тоа не беше изненадување, бидејќи уште синоќа добив информации дека унгарските претставници во „Патриоти за Европа“ биле обработувани од многу високо ниво во својата земја. Во кулоарите се вклучил премиерот Виктор Орбан, за да им објасни на своите пратеници што е правилно да направат. Ако ја погледнете листата од гласањето, ќе видите дека тие ја завршија валканата работа, бидејќи го блокираа овој усмен амандман, а потоа гласаа „воздржани“ за извештајот“, изјави бугарскиот европратеник.
Тој додаде дека амандманот сепак ќе биде поднесен во пленарната сала на ЕП како писмен, а не како усмен предлог.
„Ова е важно не само во контекстот на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Jасно ми е дека тие (Скопје) ќе направат сè што можат за да ја задржат својата национална доктрина. Она што се случува е непријатно и за многу други колеги од ЕУ, бидејќи има земји кои нема да бидат задоволни што во извештаите на парламентот влегуваат поими како идентитет и јазик“, нагласи В’лчев.
Тој истакна дека бугарската надворешна политика треба да има стабилна позиција по темите поврзани со ситуацијата на Балканот, за да биде јасно дека кој и да дојде на власт, позицијата на земјата нема да се промени.
Европратеникот ги отфрли обвинувањата дека бугарските европратеници ја „проспале“ работата на извештајот.
„Нема начин да ја имаме проспано последната година, бидејќи работата на извештајот започна во ноември. Имаме поднесено над 100 амандмани. Бугарските европратеници беа последниот бедем и направија доволно и ќе продолжиме да правиме, бидејќи темата не е затворена. На крајот на краиштата, во наредните години постојано ќе се објавуваат извештаи за Северна Македонија“, нагласи В’лчев.
Тој упати критики и кон еврокомесарката за проширување Марта Кос, наведувајќи дека таа одбива да одговара на прашањата на бугарските европратеници во рамките на AFET.
„Таа одбива да одговара и на нашите прашања во рамките на AFET. Неколку пати поставувавме исти прашања, таа едноставно ги игнорираше. Веќе тогаш ни беше јасно дека ќе се случи ова што сега се случува. Како е можно никој во Бугарија да не го виде тоа и никој да не реагира таму каде што требаше да се реагира?“, праша Влчев.
Во однос на дејствијата на Унгарија тој изјави:
„Во Бугарија се шири урбана легенда дека Унгарија е големиот пријател на Бугарија, дека Виктор Орбан е голем пријател на Бугарија и дека треба да го следиме. Е, денес видовме со гласањето, што го направија претежно унгарските пратеници од групата „Патриоти“, и откако знаеме дека тоа гласање беше инструирано од највисоко ниво во Будимпешта, сега веќе знаеме колкав пријател на Бугарија е тој човек. Би ги советувал сите оние кои пишуваа статии за да се пофалат со пријателството со него, или објавуваа фотографии објаснувајќи какви пријатели се, денес да му напишат една порака или да му се јават и да го прашаат зошто се случи тоа што се случи денес?“, додаде бугарскиот претставник во ЕП.

