Бугарски научник со престижна европска награда за млади научници
Д-р Волен Аркумарев од Бугарското друштво за заштита на птиците е годинашниот лауреат на Европската награда за млади научници во заштита на природата, која ја доделува Европската организација за конзервациска биологија (SCB Europe). Ова го соопштија од Бугарското друштво за заштита на птиците, пренесува Актуално.
Аркумарев е одликуван за неговиот исклучителен придонес во заштитата на грабливите птици преку научни иновации, меѓународна соработка и лидерство во обновување на загрозени видови во Европа, Блискиот Исток и Африка.
Европската организација за конзервациска биологија го претстави д-р Аркумарев како „бугарски конзервациски биолог со над 16 години искуство во проучувањето и заштитата на грабливите птици“. Тој е доктор по екологија со докторска дисертација за просторната екологија на белоглавиот мршојадец и моментално е раководител на проектот „Живот за соколот“, како и координатор на програмата за обновување на популацијата на египетскиот мршојадец во Бугарија.
Аркумарев е член на Експертската група за мршојадци при Меѓународниот сојуз за заштита на природата (IUCN), а од 2024 година е и главен уредник на списанието Vulture News.
Како координатор на миграционата рута во рамки на проектот „Нова надеж за египетскиот мршојадец“, тој раководи со изработка на методологии за проучување на заканите и причините за смртност на овој светски загрозен вид на три континенти. Дополнително, Аркумарев координира пилот програма за оценување на ефикасноста на различни методи за обновување на популацијата на египетскиот мршојадец на Балканот преку пуштање во природа на птици одгледани во заробеништво.
Резултатите од неговата работа веќе се применуваат во пракса и се споделуваат со меѓународната заедница преку едукативни програми што тој ги раководи.
„Природозаштитната работа на Волен е блескав пример како иновации, активности засновани на научни докази и меѓународна соработка може да се интегрираат во науката, политиката и практиката на заштита на природата“, истакнуваат од SCB Europe.
Освен д-р Аркумарев, годинашната Европска награда за млади научници во заштита на природата ја доби и д-р Хана Петерсон од Универзитетот во Јорк, Обединетото Кралство.
Европската организација за конзервациска биологија е дел од Society for Conservation Biology (SCB), непрофитна организација основана во САД, чија мисија е унапредување на научните истражувања и заштитата на биолошката разновидност ширум светот.

