Еврејски организации во Бугарија со остра реакција до македонските власти за користењето на Холокаустот за дневнополитички цели
Организацијата на Евреите во Бугарија „Шалом“, Централниот израелтјански духовен совет, Федерацијата на ционистите и други еврејски организации испратија отворено писмо до министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев и до Амбасадата на Северна Македонија во Софија. Во него тие остро ги осудуваат изјавите на македонски официјални претставници, кои го споредуваат процесот на евроинтеграција на РС Македонија со трагедијата на Холокаустот.
Во писмото се наведува дека ваквите споредби се недозволиви, ја изопачуваат историјата и го навредуваат споменот на жртвите. Организациите ги повикаа политичарите да покажат одговорност и да престанат да ја користат трагедијата на Евреите за дневнополитички цели и изборни кампањи.
Тие исто така ги осудуваат и навредите кон министерот за надворешни работи на Бугарија од страна на претседателот на Владата на РС Македонија, нарекувајќи ги „недозволиви“.
Ви го пренесуваме отвореното писмо на еврејските организации во целост и без уредничка интервенција:
До
Георг Георгиев
Министер за надворешни работи
Република Бугарија
До
Амбасада на Република Северна Македонија во Бугарија
Почитуван г-дин Георгиев,
Ние, претставувајќи ги бугарските Евреи преку Организацијата на Евреите во Бугарија „Шалом“, Централниот израелтјански духовен совет, Федерацијата на ционистите во Бугарија, Организацијата на пријателите на Израел во Бугарија „Негев“ и претставништвото на Американскиот еврејски комитет за Бугарија и Северна Македонија, сме исклучително загрижени од изјавите на официјални претставници на Република Северна Македонија.
Ние веруваме дека зборовите кои создаваат конфронтација и омраза, на крај водат и до дела, и затоа сме длабоко загрижени како од зборовите на премиерот на државата, Христијан Мицкоски, упатени кон бугарски министер, така и од изјавите на градоначалникот на Куманово и претседател на движењето „Знам“, Максим Димитриевски, во кои развојот на патот кон членство на Северна Македонија во ЕУ се споредува со трагедијата на Холокаустот.
Ваквите споредби не само што ги изопачуваат историските факти, туку и го тривијализираат неспоредливиот ужас на Холокаустот – систематското убиство на шест милиони Евреи од нацистичкиот режим.
Ние сме длабоко вознемирени од овие зборови и изјавуваме дека повикувањето на Холокаустот во несоодветни политички или општествени контексти ја омаловажува тежината на оваа единствена трагедија и ја навредува спомен-славата на нејзините жртви.
Ги повикуваме јавните личности да покажат одговорност и чувствителност кога зборуваат за историјата и настаните поврзани со толку длабоко човечко страдање. Бидејќи живите, преживеаните заминуваат, денес е уште поважно да се гарантира дека споредбите со геноцидот врз Евреите за стекнување политички поени се апсолутно недозволиви!
Ние секогаш сме нагласувале и ќе продолжиме да тврдиме дека историјата на Евреите за време на Втората светска војна и споменот на жртвите не смеат да се користат за современи политички цели и популизам.
Како членки на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот, Бугарија, исто како и Македонија, имаат јасно преземен ангажман да го чуваат споменот и да ги пренесуваат поуките од Холокаустот. Наместо тоа, гледаме како од страна на г. Димитриевски споменот на жртвите се користи за неговата предизборна кампања, паралелно создавајќи омраза кон бугарскиот народ.
За нас е недозволиво бугарски министер за надворешни работи да биде нарекуван со навредливи епитети од страна на претседателот на владата на Република Северна Македонија.
Ние веруваме во заедничката европска иднина на двете држави – иднина што мора да се гради на соработка и партнерство, а не на поделби и навреди.
Ја користиме оваа можност и да ја изразиме нашата благодарност за континуираната борба против современиот антисемитизам од страна на министерството предводено од Вас преку Кабинетот на Националниот координатор за борба против антисемитизмот.
Со почит,
Д-р Алина Леви
Претседател на Организација на Евреите во Бугарија „Шалом“
Максим Делчев
Претседател на Централниот израелтјански духовен совет
Проф. Александар Оскар
Претседател на Организација на пријателите на Израел во Бугарија „Негев“
Николај Г’л’бов
Претседател на Федерација на ционистите во Бугарија
Виктор Меламед
Директор на Канцеларијата на Американскиот еврејски комитет во Бугарија и Северна Македонија (AJC)
11.07.2025 г.
